Аграмунт: Бојкотирањето на Парламентот е бојкот на демократијата

Шпанскиот парламентарец Педро Аграмунт, долгогодишен влијателен член на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), смета дека „бојкотирањето на Парламентот е бојкот на демократијата“, јавува дописникот на МИА од Париз.

– Многу сме загрижени поради тоа што македонската опозиција не сака да заседава во Парламентот. Тоа е нешто што никогаш не треба да се прави. Во демократијата тоа е најлошото нешто, бидејќи ние сме избрани да работиме како парламентарци. Сите акции треба да се водат во Парламентот, опозицијата има право да каже сé, но во Парламентот. Бојкотирањето на Парламентот е бојкот на демократијата, изјави Аграмунт на маргините од состанокот на Комисијата за следење на обврските на земјите членки на Советот на Европа, која денеска ја разгледа информацијата за ситуацијата во Македонија.

Александар Николоски, шефот на македонската парламентарна делегација при ПССЕ и заменик претседател на Мониторинг комисијата (Комисија за следење на обврските на земјите членки на Советот на Европа), посочи дека комисијата го осуди јавното изнесување на снимки од телефонски разговори.

– Како што кажа и господинот Аграмунт, денес ја разгледуваме ситуацијата во Македонија. Јасна е пораката, дека местото на парламентарната опозиција е во Парламентот, затоа и се избрани од граѓаните. Исто така, се осудува и политиката на јавно објавување на снимени телефонски разговори, што е спротивно со демократските вредности и спротивно на почитувањето на човековите права. Таа политика е осудена од многу членови тука и од заедничката декларација која ќе ја усвои Мониторинг комитетот. Така што јасно е дека опозицијата ќе треба да се врати во Парламентот и заедно со нас да работи на подобрување на условите во Република Македонија и реализирање на политичкиот дијалог, нагласи Николоски.

На паузата на постмониторинг дијалгот некои од парламентраците, не само од регионот, туку и од други земји во Европа, не го криеја изненадувањето дека јавно се објавуваат недозволени снимки од телефонски разговори, додавајќи дека во многу европски земји, па и во нивните, имало случаи на прислушувања, но ретко кога тие снимки биле јавно изнесувани во толку голем обем.

На денешниот состанок во Париз покрај известувањето за Македонија дадено од известувачот, британскиот пратеник Роберт Валтер, се расправаше и за постмониторинг дијалогот со Монако и Црна Гора, што понатаму со суспензијата на мандатот на делегацијата на Руската Федерација, како и за ситуацијата во Грузија и посебно во Украина.