Македонија,Политика

Аграмунт: Опозицијата да се врати во Парламентот и да работи за иднината на земјата

Аграмунт: Опозицијата да се врати во Парламентот и да работи за иднината на земјата

Претседавачот на групата на Европските народни партии во Парламентарното собрание на Советот на Европа, Педро Аграмунт испрати честитка до претседателот Ѓорге Иванов и до премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по повод победата на изборите со желби да работат за доброто и сигурноста на жителите на Македонија како и досега.

„Цврсто верувам дека довербата што му беше дадена на Иванов од граѓаните на Македонија ќе биде поттик за продолжување на реформите кон обезбедување просперитет и благосостојба за сите. Им посакувам на Иванов и на Груевски успех во исполнувањето на овие цели, вели Аграмунт во изјава за МИА.

Аграмунт воедно апелира до опозицијата да ги прифати одлуките на мнозинството граѓани и да ги исполни своите демократски обврски. Изразува загриженост од одлуката на СДСМ да го бојкотира Собранието и да ги врати пратеничките мандати.

„Потребна е конструктивна опозициска партија за да се обезбеди мир, стабилност и просперитет за граѓаните на Македонија. Ја повикувам опозицијата да ги заземе своите места во Парламентот и да работи за иднината на земјата, истакнува Аграмунт.

Педро Аграмунт е претседавач на најголемата група, групата на Европската народна партија (ЕПП) во Парламентарното собрание на Советот на Европа и еден од најпроминентните сенатори во Шпанија. Член  е на Бирото на Народната партија на Шпанија-владејачката партија и еден од највлијателните луѓе во партијата. Сенатор е од 1993 година, од регионот на Валенсија, со најголем број освоени гласови на изборите во историјата на регионот-746.478. Исто така е активен во бизнис заедницата, бил претседател на борд на директори на неколку компании од текстилната индустрија, претседател на стопански комори на Валенсија и Шпанија.