Агуеро го врати во живот Сити

Манчестер Сити се наоѓаше пред елиминација во Лигата на шампионите, но откако со пресврт го совлада Баерн Минхен со 3:2 во последното коло против Рома ќе брка пласман во нокаут фазата.

“Граѓаните” уште еднаш покажаа дека се наоѓаат во многу лоша форма, откако и со играч повеќе (Бенатиа беше исклучен во 20-та минута) беа речиси надиграни од тимот на Баерн.

Инаку Сити поведе во 22-та минута преку пенал, а стрелец беше Серхио Агуеро. И кога се чинеше дека работите тргнаа во посакуваниот правец за домашниот тим, следуваше шок. Чаби Алонсо во 40-та и Роберт Левандовски во 45-та минута постигнаа погодоци за целосен пресврт и молк на стадионот во Манчестер.

Во вториот дел фудбалерите на Сити се мачеа да стигнат макар до израмнување, а тоа конечно им успеа во 85-та минута, кога Агуеро го постигна својот втор погодок. И можеби кога домашните фанови се помирија со нерешен резултат и елиминација во Лигата на шампионите, тогаш повторно на сцена стапи Агуеро и со својот трет гол направи комплетен пресврт и го остави својот тим во игра за следната фаза од натпреварувањето.

Во последното коло од групата Е се очекува екипите на Рома и Манчестер Сити во меѓусебен дуел да решат кој ќе оди понатаму во ЛШ, но интересно е дека доколку овие два тима одиграат нерешено, а ЦСКА Москва го совлада Баерн Минхен, рускиот шампион ќе им се придружи на “баварците” во следната фаза од елитното натпреварување.