Ахмедовски и Филипче нови министри во Владата, се чека на ДУИ

Венко Филипче ќе биде предлогот на СДСМ за нов министер за здравство, брифираат за медиумите партиски извори, за заменикот на Арбен Таравари од Алијансата за Албанците, кој ја напушти позицијата откако стана градоначалник на Гостивар.

Покрај Филипче, нов министер ќе биде и Аксел Ахмедовски од партијата на Самка Ибраимовски кој си замина од Владата за да биде пратеник.

Сѐ уште се чекаат имињата на кадрите кои треба да ги предложи ДУИ. Тие треба да го поплнат испразнетото министерско место без ресор на Рамиз Мерко и заменик министерското место во образование на Висар Ганиу.

Веќе е извесно дека Села го загуби ресорот кој го доби во првичниот владин договор. Од Алијансата не го кријат незадоволството но не соопштуваат дали ќе останат дел од Владата.

„Ние не правиме договори за нешто што веќе сме го договориле во времето кога се склучи договорот за формирањето на Владата. Во времето додека како Алијанса за Албанците управувавме со Министерството за здравство, управувавме правично и успешно. Не гледам причина зошто би требало Министерството за здравство да го менуваме за некој друг ресор. Ако на премиерот му пречи успехот, тогаш треба да му се обратите нему. На Алијансата за Албанците ѝ припаѓаат две министерства, здравство и локална самоуправа“, изјави Села за ТВ „Алсат-М“.

И без гласот на Зијадин Села, СДСМ веќе има мнозинство во Собранието. Весел Мемеди одамна го напушти таборот на Алијансата и се приклони кон ДУИ, а во кон паралемнтарното мнозинство се приклучи и Саздовски од ГРОМ и најверојатно Амди Бајрам од Коалицијата за подбра Македонија.