Ахмети: Ако правдата ја земеме во свои раце, само Господ знае како ова ќе заврши

Да не се доведеме во ситуација на самоволие и правдата да ја земеме во свои раце бидејќи тогаш само Господ знае како ова може да заврши, предупредија од партијата на Али Ахмети доколку институциите итно не ги тргнат приватните разговори од незаконски прислушуваните материјали објавени на каналот „Јутјуб“, социјалните мрежи и на порталите и не ги казнат лицата што стојат зад емитувањето на тие снимки во јавноста, пишува Дневник.

ДУИ најави дека ќе поднесе кривични пријави до повеќе институции откако викендов на социјалните мрежи беше пуштена инкриминирачка снимка од приватен телефонски разговор меѓу вицепремиерот Муса Џафери и пратеничката Ермира Мехмети. Истовремено на социјалните мрежи беше пуштен и разговор меѓу лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и поранешниот министер за правда, Блерим Беџети, во врска со екстрадицијата на поранешен припадник на УЧK од Kосово.

Најавите за тужби, но и предупредувањата, да не се дозволи поединци наместо институциите да ја земат правдата во свои раце, навестуваат дека на интегративците им е пукнат филмот и дека се е во игра доколку итно не се тргнат веќе поставените снимки или се објават нови.

Како што пишува Дневник, од партијата на Ахмети ни изјавија дека адвокатскиот тим на ДУИ подготвува пријави до специјалното јавно обвинителство, до Јавното обвинителство, МВР, Агенцијата за медиуми и Дирекцијата за заштита на личните податоци, кривично да се гонат и тие што ги поставиле снимките со приватни разговори на „Јутјуб“ и на „Фејсбук“, но и тие што ги презеле и споделиле снимките, односно порталите. Повикувајќи се на последните измени на Kривичниот законик кои произлегоа од договорот од Пржино, ДУИ во тужбите ќе се повика на законските одредби со кои е предвидена казна затвор од една до пет години за тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава што е прислушувана или тонски снимена.

Интегративците ќе се повикаат и на Законот за заштита на приватноста, каде што се вели дека заштитата на приватноста на граѓаните на Македонија е гарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права, во врска со материјалите што произлегуваат од незаконското следење на комуникациите извршени во периодот од 2008 до 2015 година. Со овој закон е утврдена забрана за поседување, обработка, јавно објавување на материјалите кои претставуваат повреда на приватноста на личниот и семеен живот.

Несфатливо е зошто институциите не дејствуваат по службена должност иако тоа им е обврска. За каков јавен интерес зборуваме во инкриминирачката снимка која викендов беше пуштена за нашите функционери. Ова е лудило. Се уништуваат животи, семејства, а институциите ништо не преземаат. Молкот на институциите може да резултира во самоволие и преземање на правдата во свои раце. Ако системот не функционира, само Господ знае како ова може да заврши, велат од ДУИ.

Во партијата на Ахмети не ја кријат нервозата од објавувањето, според нив, на монтираните приватни разговори и без задршка велат дека влакно фали ситуацијата да излезе од контрола и поединци да фатат лично да се пресметуваат со лицата што ги објавуваат снимките. Од ДУИ велат дека веќе побарале надлежните институции да реагираат до каналот „Јутјуб“ да ги симне снимките, пишува порталот.

Од партијата тврдат дека нема промена на ставот, СЈО да ги објави сите снимки од прислушуваните материјали кои откриваат криминал и корупција на нивни функционери. Но, повторуваат дека во случајов, најверојатно, станува збор за снимки од базата со 70.000 разговори што ја поседувал Захир Беќири – Чаушот и неговата фабрика за афери.

Ахмети и интегративците неколку месеци предупредуваа дека ќе има обиди преку монтирање на нелегално прислушуваните материјали да се дискредитираат функционери на ДУИ и политички и приватно.

СЈО дозволува еруптирање на криминалот

За какви снимки станува збор и кој стои зад нив, допрва ќе треба да се произнесат надлежните институции откако ДУИ најави дека ќе поднесе пријави, иако тие институции постапка можеа да отворат веднаш штом снимките се појавија. На тоа впрочем се должни според законските одредби. Наспроти тоа, за снимките со приватни разговори на јавни личности и функционери, од СЈО на завчерашната прес-конференција одговорија дека чекаат засегнатите лица да пријават со што практично дозволуваат, а пријавите не стигнат, кривичното дело неовластено објавување незаконски снимени материјали и натаму да се извршува. Така што Македонија станува можеби една од ретките земји во светот каде што обвинителството дозволува непречено вршење криминал. Зашто, ако с` зависи од пријавите, тогаш лесно може да се претпостави дека по пуштањето снимки во етер, одредени функционери можат да бидат уценувани со други снимки и никогаш да не поднесат пријави, па во тој случај обвинителството кое не сака да постапи по службена должност, практично дозволува еруптирање на криминалот со нови кривични дела, односно ја дозволува и уцената.

Од ДУИ не прецизираат дали пријавите што ги најавија до повеќе институции ќе бидат поднесени лично од вицепремиерот Муса Џафери и пратеничката Ермира Мехмети или од партијата. Од таму велат дека тужбите ги подготвува нивниот адвокатски тим.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.