Ахмети: Има недоразбирања, но нема да има бомбардирање на коалицијата

Не секогаш во коалицијата тече мед и млеко. Има дебати, несогласувања, разлики, но тие не се во таа големина за да се стисне копчето за да се бомбардира со ракети „Патриот“, значи бомбардирања во коалицијата нема да има, изјави претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју за Радио Слободна Европа.

Ахмети додава дека во коалицијата има разлики, но нема проблеми, нема судири од радикална природа. Разлики има, има различни идеи за кои се дискутира, за кои има дијалог, за да се постигнат најдобрите решенија.

„Нерешавањето на името создава политичка несигурност и тензија во земјата и во регионот, вели Ахмети. Морам да нагласам дека Македонија во моментов се наоѓа на раскрсница и неколку пати сум кажал дека сообраќајни несреќи се случуваат на раскрсници, а не на прав пат. Ние како политичари се залагаме земјата да се насочи на прав пат и да не останеме во статус кво ситуација. Ние сме во таа точка каде што треба да решиме дали ќе одиме напред или ќе се враќаме назад. Ако се движиме наназад ќе се соочиме со изолација, при што цената ќе ја платат граѓаните на Македонија. Нагласувам дека се наоѓаме во еден важен момент кој што бара акција, храброст и решителност, за да седнеме на маса да се постигне етнички и политички консензус и да се решиме за единствената алтернатива бидејќи немаме друга, а таа е НАТО, ЕУ, мир, стабилизација, и економски развој на нашата земја и на целиот регион. Ние сме дел од Европа и ние треба да работиме и да ги постигнеме стандардите кои што ги бара Европа. Европа е заедница на различности, во таа Европа секој си го чува својот идентитет и го зајакнува тој идентитетот, но ако останеме изолирани ризикуваме да го изгубиме и идентитетот и државата“, вели лидерот на ДУИ во интервјуто.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.