Ахмети: Нема нова лидерска средба денеска

Претседателот на ДУИ Али Ахмети попладнево изјави дека денеска ќе нема нова средба на лидерите на четирите најголеми партии за надминувања на политичката криза, пренесе МИА.

Ахмети по средбата во Собранието со американскиот конгресмен Елиот Енџел, одговорајќи на новинарско прашање, кусо одговори дека лидерска средба денеска ќе нема.

Дел од медиумите синоќа и претпладнето објавија дека во текот на денов ќе биде одржана нов состанок на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи, во присуство на амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав.

Од Амбасадата на САД и од Мисијата на ЕУ во Скопје за МИА информираа дека таква активност на Бејли и Орав за денеска не е предвидена.

Последната средба на лидерите се одржа на 29 јуни, по која партиите објавија соопштение со иста содржина во кое беше наведено дека лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ, на ДУИ и на ДПА ги продолжиле дискусиите за точната организација на владата што ќе ги подготви изборите, како што е предвидено во шестата точка од договорот од 2-ри јуни во Скопје.

Во тој контекст, како што беше посочено, лидерите се договориле да се состанат повторно во деновите што следуваат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.