Ахмети: Нема Собрание без договор со сите!

Лидерите на СДСМ и ДУИ на средба која вечерва се одржа во седиштето на СДСМ ги разгледувале начините со кој би можело да се изнајде решение за политичката криза, откако вчера претседателот Иванов соопшти дека според него се уште не се надминати пречките за доделување на мандатот. Во изјава за Алсат-М,   лидерот на ДУИ, вели дека со Заев разговарале за стратегијата со која би се ставиле во функција сите државните институции.

Иако беше очекувано СДСМ и ДУИ деновиве да побараат од претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, да го свика продолжението на седницата за конституирање на парламентот, Али Ахмети се чини дека се премислува и понатаму тактизира.

Ахмети вели дека смета оти не треба да се свика седница на собранието без претходен договор меѓу партиите. Тој рече дека досега нема никаков знак дека собранието може да биде свикано, но според него се прават напори за тоа.

Без вистински договор меѓу страните кои се претставници на мнозинските заедници, СДСМ, ВМРО, ДУИ и останатите партии ние не можеме да правиме експерименти како во театар, да одиме во собрание без претходен договор. Да не одиме во собранието за да се видиме еден со друг и да си размениме неколку пцовки и навреди туку да одржиме седница каде ќе се избере комисија за назначување и да се избере претседателот на Парламентот- изјави Али Ахмети.

Неопходно е највисокиот законодавен орган, Собранието на Р. Македонија, да се изнајдат начини да профункционира со најдобра намера, да продолжиме понатаму со преговорите за градење на институциите со кои треба да се води државата, изјави Али Ахмети

Запрашан дали планира да ја продолжат конститутивната собраниската седница која не е довршена, Ахмети одговори:

Секако дека се разговара за таква стратегија. Треба за тоа да се разговара со сите политички сили и да се постигне согласност со главните политички парии и Собранието да почне со работа и да се избираат собраниските органи и Комисии за да се стави во функција ова висока државна институција.

Во однос на формирањето на Владата, Ахмети смета дека тоа треба да се случи по изборот на собранискиот спикер, кој според него, формално ќе го извести претседателот на државата дека има парламентарно мнозинство и програма врз основа на која тој треба да му го довери мандатот на Заев.

Најнеопходно е прашањето на конституирање на Собранието. Сите напори се во насока да се стави во функција Собранието и да се избират собраниските органи, да се направи официјално барање од Собранието, од претседателот на Собранието на Република Македонија до претседателот на државата, за да му даде мандат за формирање на новата влада. Не може да се зборува за конституирање на еден орган, без да се има мандат. Значи, во прв ред треба да му се даде мандатот на мандатарот и потоа да се водат преговори за ресорите. За нас е малку важно управувањето на ресорите, за нас е поважно да му се даде мандатот на новиот мандатар и потоа да се зборува за поделбата на ресорите.

Инаку, според Деловникот за работа на Собранието, претседавачот, во овој случај, екс-спикерот Трајко Велјановски е должен да ја продолжи конститутивната седница на која ќе биде избран неговиот наследник, ако партиите кои имаат свој претставници во Парламентот предложат кандидати за членови на Комисијата избори и именување.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.