Ахмети од Атина: Решавањето на прашањето со името е приоритет за ДУИ

Решавањето на прашањето со името за ДУИ е приоритет, со цел земјата да стане дел од НАТО и од ЕУ, истакна лидерот Али Ахмети по средбата со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.
Иако во соопштението на ДУИ пред средбата стоеше дека наредниот период, додека Македонија има преодна влада, е најдобар за да се  направи поместување во спорот за името, шефот на македонската дипломатија Никола Попоски неодамна, токму од Атина порача дека во однос на ова прашање меѓу двете земји постојат планини.
Ахмети пак, кај Коѕиас видел подготвеност и добра волја која што ќе ја пренел во Скопје, со надеж дека сите страни ќе имале иста волја за решение.
Се знае дека во април годинава ќе имаме избори и секако дека ДУИ како политичка партија има постојан ангажман за зачленување на земјата во НАТО и започнување на преговорите за членство во ЕУ. Постајано имавме потешкотии, а главната потешкотија е нерешавањето на прашањето со името, а сега веќе целиот наш ангажман го ориентираме кон подобрување на сите страни за да се доближиме кон решение, затоа што ние ќе се најдеме во ситуација да дадеме програма на нашиот електорат во однос на оваа проблематика, изјави Ахмети по средбата.
Во рамките на средбата што траеше час и половина, биле разменети мислења и идеи во однос на праашњето за името.
А, додека траеше средбата на Ахмети и Коѕиас, на улицата пред грчкото МНР се случуваа масовни протести поради незадоволството од најавите за измените во пензиското и здравствено осигурување.
Вжештената атмосфера зачинета со солзавец што денеска владееше во центарот на Атина, е само уште еден индикатор дека приоритет на грчките власти периодов не е надворешната политика, туку справувањето со кризата и незадовлството на граѓаните.