Македонија

Ахмети, Острени и Велиу можно е да добијат пензии и ордени од УЧК

Ахмети, Острени и Велиу можно е да добијат пензии и ордени од УЧК

Поранешни претставници на ОНА, предводени од раководната постава – Али Ахмети, Гзим Острени, Фазли Велиу ќе се офајдат од војувањето, но не во Македонија, туку во Kосово. Ова е предвидено во веќе донесениот Закон за ветераните на војната на Ослободителната војска на Kосово (ОВK или УЧK), пишува „Дневник“.

Според законот, воени ветерани на УЧK, освен секој граѓанин на Kосово се и странски државјани што биле во нејзините редови. Оттука врхушката на ОНА, а сега на ДУИ, но и Албанци од Македонија што војувале во војната од 1999 година, во Kосово ќе имаат веројатно еднакви бенефиции со косовските борци.

Од косовското министерство за безбедност, со кое раководи поранешниот генерал Агим Чеку, весникот не добил одговор дали и колку припадници на УЧK од Македонија се евидентирани како ветерани, ниту какви бенефиции им следуваат ако бидат регистрирани.

Според информации од партијата, во редовите на УЧK, а потоа и во ОНА учествувале Ахмети, Велиу, Острени, актуелните пратеници Хазби Лика, Рафиз Алити, Зулфи Адили, директорката Шкодране Дарлишта, поранешните пратеници Ружди Матоши и Џезаир Шаќири-Хоџа.

Острени, кој е дел од претседателството на ДУИ, а меѓу своите познат како генерал, вчера за „Дневник“ потврдил дека бил началник на третата оперативна зона, која тогаш била под раководство на Рамуш Харадинај, како и командант на заштитниот корпус на ОВK. Но, не бил запознаен кои категории се опфатени со косовскиот закон.

– Не знам дали ќе бидам евидентиран, а со тоа и опфатен во законот. Но во Kосово не отидов да се борам за да уживам бенефиции. Ако следуваат одликувања или ордени, треба други да одлучат дали сме ги заслужиле – изјавил Острени за „Дневник“.

Ахмети, нема став, а Рафиз Алити,  потврдил дека војувал во Kосово.