Ахмети: Треба да се потврди договорот од Пржино, не би сакал од Виена да се вратиме без договор

Ова го истакна лидерот на ДУИ Али Ахмети во синоќешното гостување на емисијата „Клик Плус” на ТВ 21. Ахмети го потврди своето учество на лидерска средба во Виена што за петок ја закажа еврокомесарот Јоханес Хан,.

-Не би сакал да се повтори Брисел и да се вратиме без договор. Ние бевме во Брисел, не можевме да се договориме, не сакам тоа истото да се случи и во Виена. Се разбира треба и другите лидери да се согласат, но јас нема да се двоумам во врска со поканата од Хан и европарламентарците, изјави Ахмети.

Првиот човек на ДУИ потсети на својата минатогодишна изјава кога во контекстот на политичката криза која избувна со прислушуваните разговори, рече дека треба да се реагира брзо со политички средства и дека треба да се вклучи меѓународната заедница.

-Мојата изјава дека Украина може и да не биде далеку, им беше по малку смешна на некои политичари и аналитичари, па и надвор од земјата. Мојата цел беше дека последиците ќе бидат многу помали ако се реагира, рече Ахмети.

Тој потсети дека подготовките за избори траеја предолго, дека СДСМ по пет дена разговори се согласи на 24 април, но дека потоа со учество на меѓународната заедница беше договорен друг датум за да не се случат избори без опозиција.