Ахмети: Условите се исполнети – избори на 5 јуни

Суштинските елементи од Договорот во Скопје се веќе спроведени, а оддржувањето на изборите на 5-ти јуни ќе овозможи почеток на крајот на политичката криза во земјата, но претставува предуслов за враќање на нашите државни приоритети кон евроатлантската агенда, истакнал лидерот на ДУИ Али Ахмети на денешната средба со амбасадорите од земјите-членки на ЕУ.

Во седиштето на Европската Унија во Скопје, Ахмети беше поканет од страна на евроамбасадорот Аиво Орав на работен состанок со сите амбасадори на земјите-членки на Европската Унија, акредитирани во Македонија, соопшти ДУИ.

Ахмети пред амбасадорите ги претстави ставовите на ДУИ во врска со последните политички случувања во земјата, меѓуетничките и меѓусоседските односи, спроведувањето на обврските според Договорот во Скопје, вонредните избори и Евроатлантската интеграција. Според Ахмети, улогата на меѓународната заедница во постигнувањето на договорот во Скопје бил од клучно значење додека суштинските елементи од договорот се веќе спроведени.

ДУИ, како што посочил Ахмети, ќе се ангажира за следење на дијалогот и спроведување на итни реформи по изборите на 5-ти јуни.

– ДУИ ќе се фокусира во воспоставувањето на стабилноста и безбедноста, решавање на прашањата со соседите кои ја попречуваат интеграцијата во НАТО и ЕУ, меѓуетничките односи, спроведување на приоритетните реформи, економскиот развој и социјалната заштита, итн, се наведува во соопштението од ДУИ.

Ахмети и амбасадорите разговарале и, како што се наведува, околу важноста на меѓуетничките односи, злоупотребата на верските симболи за политички цели, како и за распределбата и нелегалното објавување на прислушувани материјали каде што се побара кривична одговорност за злоставувачите, стои во текстот.