АХВ ја забрани употребата на вода за пиење од јавните чешми на Водно

Откако лабораториските анализи кои ги вршат Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје потврдија колиформни бактерии и бактеријата Esherihija coli, Агенцијата за храна и ветеринарство издаде решение за забрана за употреба на водата за пиење од неколку јавни чешми во Општина Центар. Забранета е водата за пиење од чешмите жичара -Средно Водно, преливна цевка СредноВодно, чешма под црквата Свети Јован во населба Капиштец, како и чешмата во дворот на шумската куќа на СредноВодно.

„На локалната самоуправа – ОпштинаЦентар, која има законска обврска да го информира месното население дека водата во посочените чешми не е безбедна за пиење, да изврши обележување на чешмите за кои е констатирано дека водата не е безбедна за употреба, Агенцијата и даде и наредба за вршење на перманентна дезинфекција на водата за пиење во овие чешми, како преземање и на други мерки за доведување на водата во безбедна состојба,“ велат од АХВ.

Согласно обврската за контрола на безбедноста на водата за пиење, Агенцијата за храна и ветеринарство врши инспекциски контроли кај операторите кои стопанисуваат со водоснабдителните објекти.Контролите се вршат согласно Планот и програмата за работа на Одделението за државна инспекција за храна од неживотинско потекло, базирани според извршената категоризација на објектите по ризик, по хигиено – епидемиолошките индикации и по добиените резултати од лабораториските испитувања од мониторингот кој го вршат Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје.