АХВ: Македонија до 2021-та од увозник да стане извозник на свињи и месо

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) презема активности Македонија да стекне статус на земја слободна од заразната болест – класична чума кај свињите и до 2021 година да почне да извезува свежо свинско месо, изјави во вторникот директорот на Агенцијата,  Зоран Атанасовски.

На денешната работилница „Унапредување на системот за идентификација и регистрација на животни од видот свињи“, Атанасовски информираше дека АХВ изработила акциски план во кој се придвидуваат повеќе активности меѓу кои и зајакнување на биосигурносните мерки во одгледувалиштата на свињи и мониторинг на присуство на вирусот кај дивите свињи во Република Македонија.

 За таа цел веќе се потпишани договори со ловните друштва, мониторинг на кланиците при колењето на свињи со присуство на антитела на вирусот против класична свинска чума, подобрување на системот за идентификација и регистрација на свињи во Република Македонија и како последна цел е прекин на превентивната вакцинација од класичната свинска чума во Македонија, објасни Атанасов.

Наведе дека целта на Агенцијата, доколку анализите покажат дека био-сигурносните мерки се на високо ниво и се воспостави оти системот функционира како што треба, Македонија до 2021 година да почне да извезува живи свињи и свежо свинско месо.

На работилницата, спроведена со финансиска поддршка од инструментот за претпристапна помош на Европската комисија „TAIEX“, експерти од областа, од земјите членки на Европската унија, ги споделиле своите искуства и зборувале за понатамошното залагање на Македонија во однос на проблематиката.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.