АХВ: Николовски со презентирање на невистинити докази ја доведе во заблуда јавноста

Агенцијата за храна и ветеринарство најостро го осудува обидот на Љупчо Николовски (техничкиот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство) со вчерашното презентирање на невистинити докази, повторно да ја доведе во заблуда јавноста дека граѓаните на Република Македонија јадат небезбедна храна.

Од АХВ велат дека некомпетентноста, нестручноста и политиканството на Николовски за ширење на дезинформации и паника кај граѓаните, вчера имало единствена цел  – рушење на довербата на граѓаните во институциите на системот одговорни за безбедноста на храната и  дискредитирање на угледот на Агенцијата како водечка институција во системот на безбедноста на храната во земјава.

И овој пат науката, а не политиканството на Николовски дадоа одговор на прашањето дали граѓаните во Република Македонија јадат безбедна храна, дали краставиците увезени од Албанија се отровни или не? За манипулацијата, за креирањето на сомнеж и страв кај граѓаните одговорност мора да има. И тоа од оној кој свесно креираше паника – од Николовски, чие непознавање на системот за безбедност на храна и овој пат резултираше со автогол.  Резултатите кои само за него се релевантни и овој пат ги поби науката. 25 пати помалку пестициди од дозволеното ниво се детектирани во мострата од краставица кој Николовски ја доставил за анализа во Државната фитосанитарна лабораторија. Сите мостри земени од неовластено и нестручно лице, во несоодветни услови, без почитување на протоколи и процедури за нивно стерилно земање, со кои лесно може да се манипулира и (не) намерно да се контаминираат, за истите резултатите се сметаат за неточни, односно, истите се невалидни, велат од АХВ.

Оттаму апелираат до граѓаните да не наседнуваат на вакви и слични провокации, чија единствена цел е собирање на ситни политички поени.

Секој кој има и најмал сомнеж за безбедноста на храната во РМ, потребно е да го пријави во Агенцијата за храна и ветеринарство со поднесување на претставка, лично, или телефонски на 0800 3 22 22.  Агенцијата за храна и ветеринарство преку своите овластени инспектори за храна, реагира веднаш и по пат на инспекциски контроли, воспоставени процедури и протоколи за стерилно земање на мостри, стручно ќе ја испита секоја сомнителна храна, за која ќе се добие вистинит, точен и валиден резултат, испитан во овластени и референтни лаборатории, апелираат од АХВ.