АХВ: Николовски само шири паника за да ја урне довербата во институциите

Понесен исклучиво од политикантство и воден од интересот за собирање на ситни политички поени и денес  техничкиот заменик министер за земјоделство Љупчо Николовски, повторно  некомпетентно и нестручно толкувајќи ги резултатите од лабораториските анализи од Институтот за јавно здравје, граѓаните, родителите, свесно ги доведе во заблуда, сервирајќи невистини дека пијалокот Ламар увезен во земјава е небезбеден и во опасност го доведува здравјето на луѓето, реагираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во продолжение интегрален дел од реакцијта:

Обидот на Николовски и овој пат да најде тема за да води политика под превезот на грижата за здравјето на граѓаните, денес само ги доведе во заблуда и свесно ги изманипулира потрошувачите, атакувајќи на институцијата која води континуирана грижа за безбедноста на храната и за здравјето на граѓаните.

Не само нестручноста, туку и со елементарната неспособност се читаат прописите за безбедност на храната, Николовски и овој пат шири паника, сакајќи ја да  урне довербата на граѓаните во институциите на системот и несвесно сее страв за здравјето на потрошувачите.

Прописите се јасни, недвосмислени и важат еднакво за сите, а во конкретниов случај тие се повеќе од јасни и на страна на вистината. Согласно Правилникот за начинот на означување на храната (Службен весник на РМ број 118 од 2005 година), кој е комплетно усогласен со европските правила за означување на храната, кој беше на сила во моментот кога е увезен пијалокот, кој само за Николовски е небезбеден. Во него, во членот 19 јасно е дефинирано дека пијалоците кои содржат и кофеин од било кој извор, во количина поголема од  150 милиграми на литар, потребно е само да се означат со ознаката ,,висока содржина на кофеин,, што е сторено и во конкретниот случај, односно, ваквото означување и тогаш било истакнато на производот кој се извезува и на пазарите во  Европската унија.

Стручното мислење од Институтот за јавно здравје на кое се повикува Николовски,  не е во согласност со Правилникот за начинот на означување на храната. Истото не е ниту побарано, ниту одобрено од Агенцијата за храна и ветеринарство која како стручна и одговорна институција за безбедноста на храната сама ги толкува резултатите, поради што истото  се смета исклучиво за став на Институтот за јавно здравје и за личен став на одговорното лице кое го подготвило конкретното стручно мислење.