АХВ: Производите на Пекабеско безбедни

Производите на Пекабеско се безбедни и одговараат на барањата од Правилникот за адитиви.

Ова, како што соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство,  го покажаа  анализите од лабораториските испитувања на мострите од преработките од месо земени во рамки на извршената вонредната инспекциска контрола од производствените капацитети на компанијата Пекабеско.

– Врз основа на извршените хемиски анализи за утврдување на евентуално присуство на полифосфати над максимално дозволените концентрации дефинирани со Правилникот за адитиви, со испитувањата потврдено е дека производите се безбедни, односно дека одговараат на барањата од Правилникот, стои во соопштението.

Анализирани се мостри од чаден свински врат, голд пилешко филе, свински врат, шунка деликатес, пилешки стек и свински бут.

Агенцијата за храна и ветеринарство, се наведува во соопштението, како одговорна институција за безбедноста на храната, во рамки на редовните инспекциски контроли ќе обрне посебно внимание во поглед на употребата на адитивите во прехранбената индустрија.