Македонија

АХВ со нов директор

АХВ со нов директор

На минатата седница Владата на Република Македонија го именувала Зоран Поповски за нов директор на Агенцијата за храна и ветеринарство. Поповски има завршено Факултет за земјоделски науки и храна во Скопје, а дипломската работа ја одбранил на Факултетот за земјоделски науки и биотехнологија во Гент, Белгија. Тој има звање магистер по безбедност и квалитет на храна, кое е добиено по завршувањето на мултидисциплинарните постдипломски студии кои заеднички ги спроведуваат Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, Универзитетот во Гент, Белгија и Универзитетот во Рен, Франција.

Има работно искуство во повеќе домашни прехранбени компании, и поголем број на домашни и меѓународни сертификати, а водел и проекти од областа на квалитетот на храната во Белгија.

-Зоран Поповски се пријави на јавниот повик за ангажман на раководни позиции, низ процесот на селекција покажа најдобри резултати, и Владата на минатата седница го именуваше за директор на Агенцијата за храна и ветеринарство. Неговото стручно образование, проектите во кои учествувал, истражувањата кои ги правел, и ангажманот во приватниот сектор даваат една соодветна комбинација за квалитетен кадар од кој се очекува да продолжи со реформите и позитивната работа во Агенцијата. Има доста идеи за развој на сферата и за продолжување на реформите, и очекуваме позитивни резултати од неговата работа, вели за Курир владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Досегашниот директор на Агенцијата, Дејан Рунтевски се повлекува од функцијата заради лични приватни причини. Од Владата велат дека тој постигнал многу позитивни резултати во работата и дека се благодарни за неговиот придонес.

-Рунтевски има значајна улога во самото воспоставување на Агенцијата за храна и ветеринарство како институција за интегрална контрола на целиот ланец на храна. Под негов мандат оваа институција забележа силен прогрес, што остана забележано и во европските извештаи. Тој воведе многу новитети, мониторинг програми, регулација на пазар соодветно на стандардите, и воведе 6 реформски закони и над 200 подзаконски акти со кои се регулира оваа област. Не се пријави на јавниот повик, не извести дека тоа го прави заради лични приватни причини, и ние тоа го почитуваме. Задоволни сме од неговата работа и придонес, вели портпаролот на Владата Ѓорѓиев.

Со именување на Поповски, Владата ја продолжува политиката на давање на можности на нови млади квалитетни кадри да ги покажат своите способности, преку ангажман на раководни позиции.