АХВ: Свинскиот врат од „Екстрамеин“ повлечен од продажба, производството запрено

По известување од Министерството за здравство за присуство на листерија во производ сецкан свински врат на месната индустрија „Екстрамеин“ од Куманово, од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека веднаш ги презеле соодветните законски мерки.

„Во  текот на вчерашниот ден, од пазарот се повлечени производите од спорната серија, запрено е производството во оваа месна индустрија, земени се мостри од суровините, одработните површини, машините и од сите оние делови каде што евентуално може да се најде Listeria monocytogenes, за да се изврши споредување со изолатите земени од заболените лица,“ велат од Агенцијата.

Во истовреме, оттаму им препорачува на граѓаните да не го консумираат производот сецкан свински врат од лотовите 07632 и 07633, со рок на употреба 21.07.2014 до 04.09.2014 година.

„Што се однесува до другите производи од млечната и месната индустрија, се вршат задолжителни лабораториски испитување на сите лотови од производите од животинско потеклоко и се опфатени со Правилникот за посебните барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храна, за утврдување на евентуално присуство на бактеријата листерија,“додаваат оттаму.

Производите не се ставаат во промет се додека не се добие задоволителен лабораториски наод.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.