АХВ: Во Македонија максимално дозволено ниво на афлатоксин М1 во млекото изнесува 0,05 микрограми

Во врска со информациите дека Србија го зголеми дозволеното количество на афлатоксин во млекото, од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информираат дека станува збор за национален акт кој важи и се применува исклучиво на територијата на Србија.

„Во Македонија се применува Правилникот за општите барања за безбедност на храната со кој максимално дозволеното ниво на афлатоксин М1 во млекото изнесува 0,05 микрограми. Правилникот е усогласен со европските стандарди кои се едни од најригорозните кога е безбедноста на храната во прашање и кои гарантираат високо ниво на заштита на потрошувачите. На сила останува и примената на засилените мерки за контрола на увозот на млеко од соседна Србија и од земјите од регионот со задолжително земање мостра и лабораториско испитување на присуство на афлатоксин на секоја пратка. Ваквата мерка е гаранција дека ниту една пратка со млеко и производи од млеко со потекло од соседна Србија или од неколкуте земји од регионов не може да се најде на македонскиот пазар доколку со задолжителните лабораториски испитувања не се потврди дека истата е безбедна, односно дека ги исполнува одредбите од Правилникот со кој се дефинираат максимално дозволените концентрации на афлатоксин во млекото,“ информираат од АХВ.