АИП до српски „Курир“:  Ќе ги преземеме сите правни чекори за заштита на нашите членови

Асоцијацијата на интернет портали денес преку писмено соопштение реагираше на како што велат, срамниот, манипулаторски и тенденциозен текст на српскиот портал Kurir.rs во кој се прави директен атак врз членот на нив нивното здружение, Kurir.mk.

За АИП, текстот под натпис „Лажен Курир ги замајува читателите во Македонија“ е само уште еден во низата примери како не треба да изгледа еден новинарски текст, бидејќи освен фактот дека станува збор за груба манипулација, во објавениот натпис изостануваат сите аспекти на професионалното новинарство. Нагласуваме дека Kurir.mk веќе 7 години е најпопуларен интернет портал во Република Македонија и гради бренд кој е препознаен од и високо рангиран од реномирани светски институции. Оттука за нас е нејасно, зошто портал со такво реноме воопшто би имал потреба да се става во група со српски медиуми чии сопственици и уредници јавно им се извинуваат на граѓаните за манипулациите кои ги правеле, како во случајот со господинот Александар Родиќ кој во текстот под наслов „Србија извини“ признава дека раководел со медиум со кој ја „разубавувал реалноста во Србија“ односно објавувал манипулативни текстови во корист на одредена политичка опција во земјата, велат од Асоцијацијата.

Оттаму нагласуваат дека членовите на АИП работат исклучиво врз основа на новинарските стандарди и дека за нив е директна навреда секој обид да бидат ставени во ист кош со медиуми кои јавно признаваат дека работат по нарачка на политички партии и чии директори може да се види како консумираат дрога на јавни места.

Што се однесува до сопственичката структура на Kurir.mk, АИП потенцира дека и овој, како и сите наши членови имаат уредно наведени издавачи, регистрирани во Централниот регистар на Република Македонија, факт кој може да се провери во секој момент. АИП ги предупредува македонските граѓани да не наседнуваат на текстови објавени од медиуми со сомнителна уредувачка политика, поради која, според официјалните податоци далеку заостануваат зад медиумскиот врв во соседна Србија, велат од АИП и нагласуваат дека Асоцијацијата ќе ги преземе сите неопходни чекори за правна заштита на сите нивни членови.