Аиво Орав си заминува од Македонија, кој ќе биде негов наследник?

Европската унија денеска потврди дека мандатот на Естонецот Аиво Орав како шеф на делегацијата на ЕУ во Република Македонија завршува и дека на лето ќе биде именуван нов амбасадор што ќе го претставува Брисел во македонската држава, јави дописникот на МИА од Брисел.

Маја Коцијанчиќ, портпаролка на Европската комисија и на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), во изјава за МИА потврди дека процесот на селекција на следниот шеф на ЕУ-делегацијата во Скопје е во тек и се одвива во рамки на ЕЕАС на Федерика Могерини. Иако Коцијанчиќ не сакаше да открие, според информациите на МИА од високи извори во Еврокомисијата, искусниот словенечки дипломат Самуел Жбогар е најсериозен кандидат да го наследи Орав, а заедно со него во финалната селекција на европската дипломатска служба за ЕУ-амбасадор во Македонија е и актуелниот британски амбасадор во Скопје, Чарлс Гарет.

Функцијата на шеф на делегацијата на БЈР Македонија е дел од редовната ротација оваа година. Процесот на селекција за следниот шеф на делегацијата е во тек и како што е секогаш практиката, името ќе биде објавено кога постапката за избор ќе биде завршена, истакна портпаролката Коцијанчиќ во изјава за МИА.

Гласноговорничката на Европската комисија и ЕЕАС, исто така додаде дека „шефот на делегацијата на ЕУ е највисок претставник на Унијата во трета земја или меѓународна организација“ и дека во моментов, официјален Брисел има 140 делегации ширум светот, со тоа што Шефовите на делегациите нормално имаат четиригодишен мандат  и дека како такви, според Коцијанчиќ – „тие извршуваат голем број на задачи“.

Поради неговото познавање на Балканот и екс-југословенките републики, но и позитивното искуство како Специјален претставник на ЕУ на Косово, Словенецот Жбогар е пред промоција во нов амбасадор на Унијата во Република Македонија, велат високите извори од Брисел за МИА, инсистирајќи на анонимност. Единствен кој, наводно е влезен во последната селекција со Жбогар е актуелниот амбасадор на Велика Британија во Македонија, Чарлс Гарет, но неговите шанси се наводно помали во однос на поранешниот министер за надворешни работи на Словенија.

Инаку, во неговата 22-годишна кариера како дипломат, Жбогар (54 години) е вклучен во сите поголеми политички проекти на словенечката надворешна политика. Во 1993 година, тој ја отвори словенечката амбасада во Пекинг (Кина) каде што работел до 1995 година. Во периодот меѓу 1997 и 2001 година, тој беше заменик-амбасадор на Словенија во Обединетите нации (ОН) во Њујорк и заменик на Постојаниот претставник на Словенија во Советот за безбедност на ОН кога Словенија беше привремена членка во 1998 и 1999 година. Во тоа време, претставник на Словенија беше Данило Тирк, кој подоцна стана словенечки претседател.

Меѓу 2001 и 2004 година, Жбогар беше државен секретар во Министерството за надворешни работи на Словенија, во кабинетите на Јанез Дрновшек и на Антон Роп. Во овој период, тој го поддржува зајакнувањето на хуманитарниот аспект на надворешната политика и ја предводеше проект-групата за подготовка на словенечката организација на Советот за безбедност и соработка на Европа. Во 2004 година, тој беше назначен за амбасадор на Словенија во Соединетите Американски Држави, а исто така бил дел и од групата за преговори за членство на Словенија во ЕУ и главен преговарач за членство на оваа поранешна југословенска република во НАТО.

По враќањето од Вашингтон, во октомври 2008 година Жбогар станува директор на Институтот за стратешки студии во Љубљана. Во ноември 2008 година, тој е именуван за министер за надворешни работи во централно-левичарската влада на Борут Пахор со кого е другар од школски денови. Во декември 2011 година, Кетрин Ештон, тогашна Висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на Унијата го именува Жбогар за шеф на канцеларијата на ЕУ во Косово, како специјален претставник на Унијата. Со ова, тој стана првиот словенечки високо рангиран функционер во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

Неговиот противкандидат за шеф на ЕУ-делегацијата во Скопје, Чарлс Едмунд Гарет, пак, се приклучил на канцеларијата за надворешни работи и Комонвелтот на Велика Британија во 1987 година. Неговата кариера е поделена меѓу Европа, со позиции во Кипар и Швајцарија, и Источна Азија, со позиции во Хонг Конг и Тајван.

Во неговата работа во Европа, Гарет служел како шеф на тимот за проширување на ЕУ (2003-2005 година), заменик-шеф на Централно-европски оддел (2001-2003), шеф за политички и јавни работи во Берн (1997-2001) и како трет секретар за политички работи во амбасадата на Обединетото Кралство во Никозија (1987-1988). Во 1990-тите, тој служел како шеф на тимот за Балкан на „Ние знаеме како“ фондот на Велика Британија (1995-1997 година).

Во рамки на неговата работа во Источна Азија, Гарет работел во канцеларијата за врски на ВБ на Хонг Конг (1988-1989 и 1990-1993) и во одделот за Хонг Конг при британското Министерство за надворешни работи (1993-1995). Тој бил и заменик-директор во трговската и културна канцеларијата на Британија во Тајпеј (2005-2009).

Додека бил на служба во Лондон, Чарлс Гарет бил на должност офицер за врска во британскито Форин Офис во рамки на Фондот за дијамантскиот јубилеј на кралицата Елизабета Втора (2012-2013) и како шеф за меѓународни односи на Организацискиот комитет на Олимписките и Параолимписките игри во Лондон 2012 година (2010-2012). Тој бил и дел од тимот за Стратешки финансии (2009-2010), а на почетокот на својата кариера бил дел од Одделението за економски односи (1987-1988). Во своето слободно време, Чарлс Гарет ужива во велосипедизам и е љубител на фудбалот и природата. Тој е во брак со Вероник со која има пет деца.

Иако од Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) не потврдуваат конкретно, мандатот на Аиво Орав како амбасадор на Унијата во Македонија се очекува официјално да заврши во јули, при што следниот месец веќе би бил направен официјалниот избор на негов наследник кој ќе ја преземе функцијата во август или најдоцна септември оваа година.