Акциите на Алкалоид, НЛБ Банка и Комерцијална банка најтргувани во јули

Акциите на Алкалоид, НЛБ Банка и Комерцијална банка се топ три најтргувани хартии од вредност на официјалниот пазар на Македонска берза, покажува Месечниот статистички билтен.

Акциите на фармацевтскиот гигант Алкалоид имаа 16,02 отсто учество во вкупниот промет со реализирани 224 трансакции. Зад нив се акциите на НЛБ Банка со 156 транскации или 13,56-процентно учество во прометот на официјалниот пазар, додека зад нив се хартиите од вредност на Комерцијална банка со 212 реализирани трансакции или 10,29 отсто.

Три акции со најголем пораст во текот на јули се оние на: Триглав осигурување Скопје со 514,04 отсто, Арцелормиттал Скопје (ЦРМ) со пораст од 160 отсто и Арцелормиттал Скопје (ХРМ) со скок на вредност од 75 проценти.

Акциите на Скопски пазар, Прилепска пиварница Прилеп и Цементарница Усје се топ три акции со најголем пад во текот на јули.

Пазарната капитализација во јули изнесуваше 134.751.850.419 денари или 9,76 отсто повеќе во споредба со јуни. Пад од 4,13 отсто е забележан кај прометот којшто во јуни се позиционираше на 400.810.148 денари.

Во текот на минатиот месец се реализирани 2.158 трансакции или 47,81 отсто повеќе во споредба јуни. Индексот МБИ10 достигна 2.501,16 поени или пораст од 9,59 отсто.