Акција за чистење и разубавување на Градскиот парк

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски заедно со директорот на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ и вработени во Секторот за комунални работи на Град Скопје , денеска извршија увид на активностите за чистење и уредување на Градскиот парк.

„Денеска во вториот дел на Паркот во рамките на акцијата за чистење и уредување на Градски парк,  екипи на Градот  ги кроејат  крошните на дрвјата и  ги собираат паднатите листови, суви гранки и отпадоци. Морам да кажам дека сум непријатно изненаден од количеството на отпад што е собрано во текот на чистењето, односно собрани се околу 50 тони отпад, и сакам ја искористам оваа можност за да упатам апел до граѓаните да не фрлаат отпадоци на патеките и на зелените површини, туку да ги одлагаат отпадоците во поставените канти во Паркот. Како што можете да видите Градот ги исполнува своите обрски за одржување на зеленилото, како и чистењето на каналите во Паркот кои благодарение на проектот со кој беше покриен делот на каналот во општина Крпош, сега водата од Крушопек без застој се слева во каналите и ги полни со вода преку целата година. Сакам да нагласам дека Градот и во иднина ќе организираме вакви акции за чистење и уредување на зеленилото и патеките за да можат граѓаните да ги користат за прошетки, рекреација и дружење, а секако планираме да  внесеме и нови содржини коишто ќе го направат престојот во Паркот уште  позабавен“, истакна градоначалникот Трајановски.

Екипи на Град Скопје од месец јануари почнаа голема акција за чистење и уредување на првиот и вториот дел на Градскиот парк.

На локација во  првиот дел  на  Градски парк  од тениското игралиште до мостот кај кафаната Езерце рачно и машински, со скип машини,  се исчистени 100 должни метри и извадени се и натоварени 50 кубни метри: лисја, комунален отпад, гранки и мил.

На локација во вториот дел на Градски парк рачно и во помал обем машински се чисти каналот од потегот на ресторан Балканика до мостот покрај оградата на Зоолошка градина во должина од 630 метри.По завршувањето на чистењето на овој канал екипите на Градот од отпадоци, ниска вргетација и мил ќе го чистат  и големото  езеро во Паркот.   На терен работат  екипи на ЈП„Паркови и зеленило“ и ЈП„Улици и патишта“.

 

Во текот на акцијата работниците во вториот дел на Паркот извршија  кроење на крошните на 30 дрвја, отстранувајќи ги  старите,  заболени и исушени гранки, коишто ги нагрдуваат дрвјата, а претставуваат  и опасност за минувачите. Исто така, екипите на Градот од вториот дел на Паркот исекоа 6 тополи со измината физиолошка старост коишто претставуваа опасност за минувачите и посетителите на Паркот

 

Исто така, работниците ги искроија и обликуваа  грмушките, целосно ги  исчистија со гребла  од одпадоци, суви гранки, листови и камења тревниците; и  комплетно се исчистени  и рабниците  околу патеките во  првиот дел  на Паркот, а во вториот дел чистењето на рабниците ќе заврши до следниот вторник.

 

Во некои делови на првиот дел на Паркот е почнато и косењето на тревата.

 

На терен работат  екипи на ЈП„Паркови и зеленило“ и ЈП„Улици и патишта“.