Акција за поголема безбедност на велосипедистите во сообраќајот

Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ја започнува акцијата за поголема безбедност на велосипедистите во сообраќајот, во склоп на кампањата за поголема безбедност на ранливите групи учесници во сообраќајот на патиштата.

Во рамките на акцијата  подготвени  се сообраќајно едукативни материјали со практични совети за велосипедистите и останатите учесници во сообраќајот, кои во текот на месец Мај ќе им бидат делени на сите учесници во сообраќајот , посебно на велосипедистите.

Исто така ќе бидат  организирани повеќе настани, велосипедски дефилеа, маршеви, сообраќајно едукативни предавања  се со единствена цел: промоција на велосипедизмот како алтернативен облик на сообраќај, подигнување на свеста кај велосипедистите за важноста  за  почитување  на сообраќајните правила и прописи, користењето  на опрема за пасивна безбедност,  техничката исправност на велосипедите и др како и подигање на јавната свест  кај сите учесници во сообраќајот за почитување на велосипедистите како рамноправни  учесници во сообраќајот.

Во акцијата ќе бидат вклучени  повеќе надлежни институции и организации, голем број невладини организации, како и сите електронски и печатени медиуми.

Велосипедизмот  претставува  економски, енергетски и еколошки најодржлива форма на сообраќај којашто  има  силно и  позитивно влијание врз здравјето на луѓето. Ваквите карактеристики го детерминираат развојот на велосипедизмот како мошне значаен од повеќе аспекти на негова секојдневна употреба во општеството а со тоа се наметнува и потребата за постојана грижа за поголема безбедност на велосипедистите во сообраќајот кои претставуваат една од најранливите групи на учесници во сообраќајот.

Целта на кампањата е да се намали бројот на жртви во сообраќајни несреќи – велосипедисти, и да се подигне сообраќајна култура и етика кај сите учесници во сообраќајот.