Акција за пружање здравствена заштита во планинските предели

Тим од доктор од Здравствениот дом Скопје и претставници од Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување им пружи неопходна лекарска помош на жителите во планинското село Брест по информацијата за појава на симптоми на грип кај повеќе деца.

Министерството за здравство денеска информира дека се извршени прегледи на 15 деца на возраст од шест месеци до 10 години, а прегледени се и девет возрасни лица. Дел од прегледаните имале симптоми на грип и настинка, а кај две лица била констатирана потешка клиничка слика со повисока температура и отежнато дишење. Кај сите прегледани лица е препишана терапија и обезбедени се потребните лекови, а дадени се и препораки и совети за постапување во следните денови.

– Во претстојниот период постојано ќе се следи здравствената состојба на жителите од ова населено место, а особено здравјето на децата како вулнерабилна група. Министерството за здравство во соработка со надлежните институции ќе продолжи да се залага за обезбедување неопходна здравствена заштита за жителите во тешко достапни и непроодни места, сè до нормализирање на временските услови и овозможување пристап на овие граѓани до редовниот систем на здравствена заштита, се вели во соопштението.