Акција за расчистување на снегот и мразот во Кисела Вода

Голема акција за расчистување на снегот и замрзнатите површини, се одвива денес во општина Кисела Вода. Со помош на специјални возила, во текот на денешниот ден, до овој момент, се фрлени околу  13 тони сол во Црниче, Пржино, Припор, Кисела Вода, во населбата и селото Драчево… Активностите на терен, се сеуште во тек.

Заедно со 98те тони кои до вчера беа фрлени од почетокот на снегот, на заледените површини во општина Кисела Вода, досега се интервенираше со 111 тони сол.

Покрај фирмата „Анизор“ која беше ангажирана од страна на општината, во справувањето со снежните наноси се ангажирани и сезонски работници, а на терен, без престан е излезен и кризниот штаб од општината.

Интензивно се работи на расчистување на улиците, тротоарите, просторот околу градинките и основните училишта, автобуските постојки. Воедно, продолжува и тесната комуникација помеѓу општината и службите на ЈП „Улици и патишта“ кои ги расчистуваат главните улици, кои се во надлежност на град Скопје.

Неколку жители од населбата Пржино излегоа за да помогнат во расчистувањето на теренот. Неколку од нив посакаа посебно да се заблагодарат за ангажираноста на општина Кисела Вода во справувањето со снегот.

-Многу сум благодарен.  И на градоначалникот Билјана Беличанец-Алексиќ, и на општинските служби и на работнициве кои еве, како падна снегот, нон-стоп се тука и расчистуваат и рачно и со возила. Безбедно стигаме секаде каде што треба-изјави Тони Митровски.

И децава од комшии гледам дека најнормално си одат во школо и моето синче нормално си го носиме во градинката 8 Март, тука во Пржино. Редовно се интервенира. Работниците се цело време тука, луѓето од општината се цело време присутни со нив и се работи без престан. Треба малку и ние граѓаните да бидеме свесни, да си расчисти секој, во својот и околу својот двор,  зошто гледам дека или сите си седат и чекаат друг да им ја заврши работата или оние што чистат, го фрлаат снегот директно на улиците-изјави Јован Цветановски.

Со оглед на временската прогноза и најавите за нови снежни наноси, општина Кисела Вода уште еднаш апелира до сите жители на оваа територија да го расчистат снегот пред своите дворови  и влезовите на станбените згради и со тоа да овозможат проодност и непречен пристап до објектите. Потсетува и на законската обврска на деловните субјекти и сопствениците на јавни објекти за расчистувањето на снегот пред влезот на истите.