Ако е прислушкувана опозицијата, зошто досега не слушнавме нивни разговори?

Поранешниот член и функционер на СДСМ, Стевче Јакимовски преку 24Вести им испрати порака на своите поранешни сопартијци.

Тој им посочи дека од ништо не се плаши, ниту од снимките, ниту од нешто друго што тие имаат.

-Сакам да им порачам дека ниту се плашам, ниту било што имаат и прават незаконити дејствија со кои плашат 20.000 граѓани во Република Македонија. Јас не сум еден од тие што е уплашен од нивните снимки, вели Јакимовски.

Тој истакна дека изворот на информациите, односно Зоран Заев, вели дека само Мијалков и Груевски не се прислушувани на тие снимки, а секој ден ние слушаме снимки од нив двајца.

-Постојано имаме лавирање на информациите кои ги дава оној кој го соопштува овој материјал. Апсолутно не постои консеквентност и не постои една кредибилност на оној кој ги соопштува овие информации. Замислете вака- СДСМ 6 месеци вели дека нема да влезе во Парламент, 6 месеци најавува дека ќе фрли бомба. Сега 2 месеци објавува бомба и сака да дојде на власт без политичка програма, без економска програма, без било каква понуда кон граѓаните на Република Македонија. Јас сум длабоко убеден дека тоа ќе може да се оствари. Убеден сум дека граѓаните ќе ги препознаат ваквите намери и ќе ги верификуваат соодветно тогаш кога ќе треба, истакна градоначалникот на Карпош.

Јакимовски вели дека победата на локалните избори е чист израз на слободната волја на граѓаните.

-Заев себеси се дава како разговара со ќерка му, а сите останати ги дава како разговараат меѓу себе. Би било многу коректно да слушнеме некој разговор кој го обавувале челници на СДСМ, Заев со некои свои партнери, за изборна кампања итн. За отприлика да слушнеме каков е нивниот однос во меѓусебните приватни разговори и тоа би било многу чесно, вели Јакимовски.