Ако има избори Заев се закани со криза со несогледиви последици

Фер избори на 24-ти април не може и нема да има. Било какви инсистирање за избори на 24 април само заради спас на власта ќе ја втурне Македонија во уште подлабока криза. Ова на денешната прес конференција го истакна претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Заев уште еднаш нагласи дека се неопходни избори час поскоро, избори без фантомски гласачи и со слободни медиуми, а во својата изјава се закани дека инсистирањето на избори ќе ја втурне земјата во криза со несогледливи последици.

Фер избори на 24-ти април не може и нема да има. Било какво инсистирање на нерегуларни избори само заради спас на кожата на Груевски и фамилијата ќе ја втурне Македонија во драматична криза со несогледливи последици. Во Македонија мора да има фер кристално чисти избори со слободно изразена волја на граѓаните. Потврдени избори од меѓународната заедница, рече тој.

Лидерот на СДСМ во одговор на новинарско прашање дали опозицијата ќе покрене иницијатива во парламентот за повлекување на одлуката за распуштање на Собранието, посочи дека партиите кои покренаа иницијатива за распуштање на парламентот и прогласување избори се тие кои сега треба да поднесат иницијатива за повлекување на таа одлука.

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ сака пролонгирање на кризата

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ претходно излезе со писмено соопштение во кое се вели дека од партијата сметаат дека не е точно дека не постојат услови за фер и демократски избори.

Точно е само дека не постои подготвеност на СДСМ да излезе на избори, затоа што е свесна дека ќе ги загуби бидејќи ја нема поддршката од народот. Точно е и дека заради тој страв СДСМ сака пролонгирање на кризата и СДСМ е подготвена на се за да го направи тоа, се вели во соопштението.

Соопштението од ВМРО – ДПМНЕ во целост погледнете го на следниот линк.