четврток, 23 февруари 2017  |  Вести денес: 40

Aко не се постигне потребното мнозинство во догледно време, решението е нови избори

Член 90, став 1 од Уставот прецизно утврдува дека изборниот победник го добива мандатарот за состав на Влада, односно лице назначено од партијата/партиите што имаат мнозинство пратеници во Собранието. Уставната одредба бара само просто мнозинство во Собранието, односно која партија/партии имаат најголем број пратеници во Собранието. Неспорно е дека тоа е ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата „За Подобра Македонија“, потенцира професорката по уставно право на Правниот факултет, Тања Каракамишева Јовановска.

каракамишева

Поврзани вести

Прво потврда и доказ за мнозинство – па потоа мандат за составување на Влада, порача претседателот на државата Ѓорге Иванов по вчерашните повеќечасовните консултации со лидерите на партиите кои освоија пратенички места на предвремените парламентарни избори.

„ По остварените консултации сакам да известам дека мандат за состав на нова Влада ќе добие партијата или Коалицијата која ќе ме извести и докаже дека обезбедила мнозинство во Собранието, со други зборови- прво потврда и доказ за мнозинство, па потоа мандат за составување на нова Влада во согласност со член 90 од Уставот на РМ. Го искористив уставното право и обврска, водејќи се од Уставот и по извршените консултации на 9 јануари 2017 година, мандатот му го доделив на Никола Груевски, со тоа го испочитував Уставот и останав доследен и на досегашната практика“, рече Иванов по консултаците.

Според професорката по уставно право, Тања Каракамишева Јовановска, ако правилно се чита членот 90 од Уставот на Република Македонија нема дилеми околу тоа кој треба да биде мандатар, тоа е партијата која има освоено најголем број пратеници во Собранието.

„ Член 90, став 1 прецизно утврдува дека изборниот победник го дава мандатарот за состав на Влада, односно лице назначено од партијата/партиите што имаат мнозинство пратеници во Собранието. Во овој став од членот 90 не стои дека мандатот за состав на Влада го добива партијата/партиите што имаат „мнозинство од вкупниот број пратеници“, или апсолутно мнозинство пратеници во Собранието. Уставната одредба бара само просто мнозинство во Собранието, односно која партија/партии имаат најголем број пратеници во Собранието. Неспорно е дека тоа е ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата „За Подобра Македонија“. Одредбата натаму не прецизира ништо повеќе, односно што ако мандатарот не успее да состави Влада во рок од 20 дена. Токму оваа уставна празнина доведе до различни толкувања во јавноста“ појаснува таа во изјава за Нетпрес.

Одлуката на претседателот Иванов, според универзитетската професорка, е пошироко толкување на членот 90 во услови кога не постојат прецизни уставни норми што следно да се направи.

„Поширокото толкување се врзува со ставот 3 од членот 90 каде стои дека Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Со оглед дека изборот на Владата е врзан со 61 пратеник, претседателот Иванов донесе одлука да почека да му се достави доказ со собрани потписи од 61 пратеник, за да може да одлучи кому да му го даде мандатот за состав на Влада. Со оглед дека во Уставот не е предвидена дополнителна постапка за втор мандатар нема ниту рок во кој треба да се утврди новиот мандатар. Ако по аналогија се земе рокот од член 90 тогаш тој изнесува 10 дена. Но, правната аналогија, исто како и толкувањето на Уставот не можат да имаат задолжителен карактер што значи дека РМ е влезена во фаза во која не се знае точно кога треба да заврши постапката околу новата Влада. Хипотетички, фазата на собирање 61 потпис од пратеници може да трае кратко, но може да трае и подолго.  Претседателот на државата не одреди рок во кој парламентарните партии треба да му достават 61 потпис како доказ. Со ова практично партиите можат до недоглед да тактизираат, да се пазарат околу бројките поради што постои реална опасност да се занемари основната суштина поради која се формира коалициона влада и воопшто институции во земјата“, вели Каракамшева Јовановска.

Трката по пратенички потписи, според неа, не смее да се сведе само на обична трка по голи бројки. Најважниот клуч за формирање на Владата, како што додава треба преед се  да останат програмските определби, националните интереси, како и економскиот развој на земјата.

И според универзитетскиот професор Владо Поповски, претседателот има право да го задржи мандатот кај се  додека некоја партија или коалиција не донесе потврда за обезбедено мнозинство од 61 пратеникн во Собранието.

„Во таков случај претседателот може мандатот повторно да го даде на друг носител од ВМРО-ДПМНЕ дококлу тој докаже дека може да формира Влада“, појаснува Поповски.

Во случај никоја од партиите да не може да обезбеди мнозинство во Собранието, шефот на државата Ѓорге Иванов порача дека остануваат отворени сите опции.

„Но, што и да се случи, ве уверувам дека ќе постапувам исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија. Кога ја презедов функцијата Претседател на Република Македонија, дадов свечена изјава пред граѓаните дека ќе ги почитувам Уставот и законите. Од таа моја заклетва не мислам да отстапам ниту сега“, посочи Иванов.

Според експертите по уставно право доколку не се постигне потребното мнозинство за во догледен рок, ќе мора да се распишат нови парламентарни избори.

“Она што треба да се нагласи е дека собирање потписи за мандатар и гласање на Влада се две различни дејствија. Никој не може со сигурност да гарантира дека ако мандатарот успеал да собере 61 потпис за негово назначување од страна на претседателот Иванов, дека во постапката за избор на Влада тоа мнозинство ќе остане. Никој не може да претпостави што ќе се случува на денот на изборот на Влада, дали сите пратеници што потпишале ќе дојдат на собраниската седница и дали навистина ќе гласаат за новиот состав на Владата. Токму заради многуте опции кои се поврзани со овие дејствија, само едно е јасно. А тоа е ако не се постигне потребното мнозинство во догледно и разумно време партиите ќе мора да се договорат да се распишат нови парламентарни избори“, смета Каракамишева – Јовановска.

Дека решението за излез од кризата се нови избори, сметаат и од ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата За подобра Македонија како победник на последните избори која доби најголема поддршка од граѓаните и освои најголем број гласови и пратеници, смета дека формирањето на Влада треба да биде во функција на затворање на политичката криза, а не нејзино продлабочување и смета дека одржувањето на нови избори е зрело решение, а во функција на надминување на кризата и поставување на реформските приоритети во прв план. Секое друго решение само ќе доведе до нова конфликтност и проблеми во и онака поделеното општество и нема да биде во функција на одржливост и остварување на било чии програмски цели“, беше наведено во партиското соопштение откако по рокот од 20 дена не беше постигнат договор за коалицирање со ДУИ.

Најчитани вести