Ако не се спречи еболата, заразате му се заканува на целиот свет

Колку повеќе се занимаваме со совладување на хуманитарните кризи, толку тие стануваат поскапи и потешки. Епидемијата од ебола, што беснее во небезбедните западноафрикански земји Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне се ужасен пример за тоа, пишува во редакцискиот коментар британскиот весник „Фајненшел тајмс“, откако проблемот со еболата вчера беше покренат и на специјалната средба на висо ниво во ОН, пренесува МИА.

Заканата за општествената благосостојба и социјална стабилност, што ја предизвикува вирусот, вртоглаво се зголемува по неадекватната реакција по појавата на првите случаи на почетокот на годината.

Светската заедница е должна да преземе многу помасовна кампања ако сака да ја спречи катастрофата, забележува весникот.

Со појавата на еболата се урнаа системите за здравствена заштита во зафатените држави. Првите предупредувања на организацијата „Лекари без граници“ беа оценети од некои агенции и експерти како панични. Завладеа страв, трговијата и туризмот на континентот настрадаа, летовите до зафатените земји беа во прекин, затворени беа границите. Точно е дека во минатото многу луѓе умираа од спречени заболувања, кои привлекуваат помалку внимание, но во сегашната ситуација нема место за споредби.

Против еболата нема адекватно лекување и вирусот предизвикува паника, каква што малку други болести предизвикувале во нашата најнова историја.

Официјалните податоци на Светската здравствена организација се сериозни, но реалните бројки веројатно се и многу пострашни, имајќи предвид колку тешко се откриваат и проследуваат случаите на заразата.

Гвинеја покажува напредок, Нигерија и Сенегал заслужуваат пофалба за запирање на епидемијата, но забрзувачкото ширење на болеста во Либерија и Сиера Леоне  експертите ги тера да сметаат дека во текот на ноември бројот на заразени може да достигне 20.000, што значително ги надминува прогнозите од пред само еден месец, посочува „Фајненшел тајмс“.

Доколку светот не реагира поекспедитивно, тоа ќе биде досега незабележена епидемија во современата историја, покажуваат долгорочните прогнози.

Експертите од американските центри за контрола и превенција на заболувањата сметаат дека еболата до јануари може да засегне до 1,4 милиона лица. Според најцрното сценарио, болеста може да доведе до целосен колапс на редот и законитоста во Либерија и Сиера Леоне, кои се уште се обновуваат од граѓанските војни.

На крајот еболата може да се претвори во постојана карактеристика на животот во  Западна Африка, спречувајќи ги трговијата и инвестициите, што внесоа извесна „светлина во тунелот“ за нивното настрадано население, предупредува дневниот весник.

Експертите сметаат дека не е предоцна за таков развој, но болеста продолжува да се шири со побрзо темпо од примената на мерките за нејзино совладување.

Американскиот претседател одговори  на предизвикот и испраќа 3.000 војници да изградат медицински центри и да обучуваат здравствени работници, но неговиот пример треба да го следат и други.

Европа може да почне од тоа да ги прифати препораките на академските средини и здравствени експерти за испраќање на професионални доброволци во заразените региони.

СЗО смета дека за финансирањето на итните мерки за справување со епидемијата потребни се милијарда долари. Парите бавно пристигнуваат. Тоа од што има итна потреба, меѓутоа, се професионално искуство  и луѓе на самото место, а исто така и централизирана административна структура, која ќе ја координира глобалната кампања.

Во Африка имаше доволно кризи од кои ќе учиме. Ако не ја совладаме заканата таа ќе добие светски размери, се заклучува во редакцискиот коментар на „Фајненшел тајмс“.