Ако сакате успешен бизнис, предајте го во женски раце

Ако сакате бизнисот да ви биде успешен, предајте го во женски раце. Според истражувањата и анализите, жените на Балканот се поодговорни од мажите.

Македонската Влада со низа мерки ги поттикнува жените претприемачи да започнат свој бизнис. Интересот е голем, а бизнисите успешни.

.„Поддршка, поттик и промоција на жени претприемачи“ е името на тркалезната маса која денес се одржа во организација на ССК и Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

Она што е загрижувачко е дека најголем дел од жените аплицираат за отворање на сметководствено биро или фризерски салон. Од министерството за економија ги повикуваат жените да аплицираат и за други сектори.

– Веќе три години најмногу апликации по Програмата за поддршка има во делот сметководство/книговодство и фризерска дејност. Апелирам до македонските бизнис жени да бараат поддршка и за други дејности. Воедно би ги повикал да не се ограничуваат само на оваа Програма зашто државата нуди и многу други, како и повеќе мерки кои исто така се во насока на поттикнување на претпримеништвото, нагласи заменик министерот Кристијан Делев пред учесничките на тркалезната маса „Поддршка, поттик и промоција на жени претприемачи“.

Пратеничката и претседател на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова смета дека предрасудите и стереотипите за способноста, креативноста, храброста, се клучна причина поради која во Македонија се уште нема доволно бизнис жени, особено не на раководни функции.

– Жените воопшто не заостануваат зад мажите, по ниту една основа, а имаат многу причини за почнување и водење бизнис: стекнување независност, самостојност, успех и сигурност, лично задоволство и секако, задоволување на економските потреби, посочи Рангелова, додавајќи дека досега во земјава се направени крупни чекори за интензивно вклучување на жените во економскиот развој.

Рангелова подвлече дека доколку постои јасна визија, добар бизнис-план, упорност и професионалност, успехот е загарантиран.

– Женското претприемништво полека но сигурно почнува да игра голема улога во Македонија. Се повеќе можеме да сретнеме жени на високи позиции во корпоративниот свет, но и жени сопственици на бизнис. Доказ за ова е официјалната статистика која вели дека околу 30 отсто од деловните субјекти се  во  сопственост  на  жени. Дополнително,  европската  статистика покажува дека над 30 проценти од претприемачите се жени. Сепак, овој процент има  предуслови  да  се  зголемува,  бидејќи  жените  може  да придонесат  многу повеќе со поглед од поинаква перспектива и нови идеи, напомена претседателката на ССК Данела Арсовска.

Арсовска потенцира дека за јакнење на улогата на бизнис жените во општеството, Сојузот на стопански комори пред две години формира Групација за жени претприемачи која денес брои 260 членки. Тие се генерално задоволни од владината поддршка во овој сегмент, но сепак сметаат дека треба да се размисли за нејзино зголемување.

Како што изјави Валентина Дисоска, сопственик на фирма за софтвер и член на Групацијата, неопходно е да се разгледа и можноста од различно третирање на малите, микро и старт ап фирми со големите компании во однос на законската регулатива и обврските.

Со државната поддршка на жените претприемачи моментно се покриваат 60 отсто од трошоците, но не повеќе од 120.000 денари по компанија.