Ако Шкотска стaне независна автоматски нема да биде во ЕУ

Ако на референдумот в четврток шкотските гласачи се изјаснат за отцепување на Шкотска од Велика Британија, тогаш новата држава ќе треба да аплицира за членство во ЕУ, сметаат повеќето европратениици.

Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, според Еуроактив, Шкотска ќе треба прво да добие поддршка од сите 28 земји-членки на ЕУ, меѓу кои и Белгија и Шпанија, кои сигурно нема да дадат брза согласност за прием имајќи ги пред вид сепаратистичките движења на нивните територии.

Барањата на Шкотска да остане надвор од еврозоната, шенген зоната и да ги има повластиците што сега ги има Велика Британија, сигурно дека ќе ги отежни нејзините преговори ако излезе од Обединетото Кралство.

Приврзаниците на шкотската независност сметаат дека ќе преговараат 18 месеци со Обединетото Кралство и со ЕУ – од една страна за одцепувањето од Велика Британија, а од другата за интеграција во Унијата.

Некои извори блиски до Европската народна партија (ЕПП) и до Групата на социјалстите и демократите, велат дека на Шкотска може да и биде одбено барањето за членството во ЕУ, ако таа не преземе соодветните мерки да го прифати еврото и да се однесува како секоја друга земја кандидат.

Официјално ниту една од големите партии од Европарламентот не зазема позиција во однос на референдумот. Во редовите на социјалстите и демократрите постои загриженост ако на референдумот победат привразниците за независност, додека извори во ЕПП велат дека партијата се договорила дека нема да има ново проширување на ЕУ во наредните пет години.

Сепак, бидејќи Шкотска е дел од ЕУ, можно е да се најде друг пат за нејзино членство. Проевропските европратеници меѓутоа веќе го поставуваат како услов членството во еврозоната и Шенген зоната.

Европската комисија засега молчи и одбива да дава коментари за последиците и евентуалниот иден статус на Шкотска. Актуелниот претседател на Комисијата во заминување Жозе Мануел Баросо рече дека Шкотска нема да биде исклучок и таа ќе мора да ги почитува правилата за приклучување во ЕУ, како сите други држави. Слична изјава имаше и претседателот на Советот Херман Ван Ромпуј.