Ако сушите облека на радијатор, треба да го знаете и ова

Студеното време ги носи и проблемите со сушењето на облеката, но уште поважно е да го сочуваме здравјето. Еве неколку предупредувања и совети зошто би требало да внимавате каде ја сушите облеката во зимските денови.

Истражувачите од шкотскиот Факултет за архитектура востановиле дека во голем број домови има премногу влага и дека за 30 отсто од таа влага се одговорни самите станари што сушат облека во затворени соби.

Во три четвртини од стотиците испитани домови биле најдени зголемена влага, печурки и зголемена концентрација на мувла. Секако дека ваквиот воздух може да предизвика астма и слични алергии, особено кај децата.

Во вкупно 87 отсто од домовите во Глазгов каде била спроведена студијата, најчесто во деновите кога времето е студено облеката се суши во домот, а притоа две третини од нив облеката ја сушат на радијаторот, што уште повеќе ја зголемува количината на влага, а подоцна доведува до проблеми со дишните патишта.

Луѓето гледаат како да ги искористат што е можно повеќе радијаторите и останатите грејни тела во зима, а не размислуваат дека е неопходно и да се проветрува во тие студени денови, обласнува Колин Портеус, предводник на студијата.

Според неговиот тим, решението е во воведувањето заеднички простории за сушење во зградите со цел да се ублажи проблемот, а во секој дом станарите се одговорни за редовно проветрување.

Тоа значи дека е неопходно барем еднаш дневно и тоа наутро да се отворат сите прозорци во куќата и тоа во период од 2 до 4 минути, а идеално е тоа да го направите до три пати дневно. Исто така, би било најдобро да одвоите една просторија каде ќе сушите алишта на сушара, а не на радијатор и таа просторија да ја проветрувате почесто.