„Актива“ ќе отвори втора фабрика од септември нови 120 вработувања

Компанијата „Актива Аутомотив“ пред две години започна производство на шасии за потребите на белгиската компанија „Ван Хул“ за производството на автобусите што оваа компанија ги произведува во Република Македонија. За таа цел, „Актива Аутомотив“ изминатиов период ангажира 120 до 140 лица.

Во моментов, после одлуката на „Ван Хул“ за изградба на уште еден објект и зголемување на производството на автобуси на годишно ниво за повеќе од двојно, од 400-500 автобуси на 1000 до 1200 автобуси, се јавува и потребата за проширување на капацитетите на „Актива Аутомотив“. За таа цел, компанијата од септември го стартува и својот втор објект за кој ќе бидат инвестирани 5-6 милиони евра и со кој ќе се отворат 100 до 120 нови работни места во Штип.

Инвестицијата ја најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој рече дека фабриката од септември ќе почне со градба на втора фабрика.  „Актива“, според неговите информации, добила уште една линија за преработка на лим, која што досега „Ван Хул“ ја увезувал од Белгија, така што тоа е можност за дополнително проширување и отворање нови работни места во Македонија.

– Деновиве бев информиран дека компанијата „Актива“ од Штип, која меѓу другото работи за „Ван Хул“ и е негов партнер во изработката на делови за автобуси Скопје веќе добива нова нарачка од „Ван Хул“. Од неодамна „Ван Хул“ почна да гради втора фабрика во Скопје, така што и „Актива“ од септември ќе почне да гради втора фабрика, веројатно во близина на Штип, каде што е нивната прва фабрика. Тоа е одлична вест, рече Груевски вчера во интервју за ТВ Сител.

Директорот на „Актива“ Иле Николов денеска изјави дека благодарение на оваа странска инвестиција која пред три години дојде во Македонија и на економската политика на Владата за привлекување на странски инвестиции, имаше голема доверба во нашата компанија Актива и го додели изградбата на нивната фабрика во Скопје.

ile-nikolov

-Благодарение на такват добрата соработка со белгиската компанија Ван Хул се јави идејата за понатамошна соработка, а тоа е дел од производството да се работи во Актива. За кратко време успеавме да ја изградиме нашата фабрика и успешно да ги произведуваме овие делови коишто се пласираат во нивната фабрика во Скопје и Белгија, а како комплетни склопови се произведуваат комплетни автобуси коишто заминуваат за европскиот и американскиот пазар. Во текот на оваа година белгиската компанија Ван Хул најави нивно проширување за да се дуплираат капацитетите, а во тек е изградба на нов производен капацитет од 32.000 квадрати, каде капацитетот на автобусите ќе се зголеми од 450 до 500 на годишно ниво, на 1000-1200 автобуси. Сето тоа проширување се побара да исто и нашата компанија Актива Штип ги зголеми капацитетите и нашиот капацитет кој е околу 9-10.000 квадрати со 120-140 вработени и произведуваме за потребите на 400-500 автобуси, а наредната година мораме нашиот капацитет да го дуплираме за да одговориме на нивните барања, па во фаза сме на подготовка и во септември ја најавуваме нашата нова фабрика која ќе биде околу 12.000 квадрати, за производство на шасиските делови на автобусите, а ќе инсталираме и нова линија за анодизација и галванизација на алуминиумски лимови, кои се потребни за изработка на автобусите, рече Николов.

Тој додаде дека благодарение на новите проширувања може да најават и нови вработувања од 100 до 120 вработени, кои го крајот на оваа година и наредната година ќе бидат реализирани за да можеме да го заокружат и нивниот капацитет за да се одговори на ова барање што е од страна на белгиската компанија како нивен стратешки партнер во овој момент.

-Инвестицијата ќе биде 5-6 милиони евра и финансиски затворена со дел од кредитните линии од Комерцијална банка која е исто така наш стратешки партнер во делот на финансирањето, дел од Европската банка за обнова и развој којшто перманентно се присутни во нашиот развој. Дел ќе биде од наши сопствени средства, рече Николов.

ilco

Градоначалникот Илчо Захариев изјави дека Штип последните години доживува неверојатен економски бум, бројот на невработени драстично се намалува.

-Актива е типичен пример за виталноста на штипското стопанство и македонската економија во целост. Кога креативниот дух, стручноста, компетентноста и способноста, но и фамилијарноста ќе тргне да се развива во еден правец, тоа покажува какви фабрики и какви гиганти можат да никнат во Штип и Македонија. Актива е пример како со својот квалитет и производство се наметна на европскиот пазар. Стандардите се големи, критериумите се силни, конкуренцијата е многу јака и вие да се наметнете со својот квалитет значи дека навистина сте на европско ниво.  Тоа е предноста на Актива и затоа странскиот партнер е задоволен и инвестира во нови погони во Македонија, па и во Штип. Морам да кажам дека Актива е пример за вработување во нашиот град, со својата развојна компонента во наредните години ќе ја намали невработеноста во нашиот град за 20%. Една компанија колку многу може да вложи во нашиот град е примерот на Актива и кога стручната компонента, грижата за вработените и хуманите услови на вработените, заработките се многу битни, ги мотивираат луѓето да доаѓаат да работат во оваа фабрика. Јас се надевам дека од септември ако во прашање е стандардот на Актива, тие за 6 месеци градат фабрика од 20.000 метри квадратни, јас верувам дека за 6 месеци фабриката ќе биде готова и над 120 лица ќе најдат вработување во новите погони, рече Захариев.

Тој додаде дека до Актива расте нов погон, тоа е компанијата Семак фешн, присутна долги години во Штип.

-Се надевам дека за месец дена ќе почне да работи и тој погон. Во близина на Актива, благодарение на креативноста и заложбите на Актива правиме нова индустриска зона од 350 хектари, каде ќе дадеме шанса на патот за Радовиш и Струмица да никнат нови фабрики по многу поволни услови. Интензивно се работи деталниот урбанистички план и се надевам дека сите оние кои се заинтересирани ќе можат по 1 евро за метар квадратен да си купат своја парцела, а ние како општина мораме да им помагаме, да биеме креативни и во функција на самото стопанство. Не смееме да имаме бирократски процедури кои ќе не кочат, да ги кочиме со донесувањето на ДУП-овите, не смееме да ги кочиме со изградбата на комуналната инфраструктура и издавањето на одобренијата за градба. За мене, кога ќе дојде некој инвеститор да гради, да вработи макар и еден човек мора да биде максимално испочитуван и Штип се покажа дека може да го направи тоа навистина брзо. Така да, сите оние процедури се завршуваат за релативно кратко време, на крај никнуваат фабрики, Штип се гради. Од 12.000 невработени сега бројот е околу 2000. Се надевам дека до крајот на мојот мандат ние во Штип ќе немаме невработен, туку сите ќе можат да бидат вработени во стопанските капацитети кои се градат, заклучи Захариев.