Ал Тани: Очекувам да се интензивираат контактите на бизнис ниво

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, својата работна посета на Државата Катар денеска ја започна со средба со Емирот на Државата Катар, Шеик Тамим Бин Хамад Ал Тани.

Како што соопштуваат од кабинетот на претседателот, на средбата, прва по стапувањето на должноста на емирот Тамим Бин Хамад Ал Тани, е изразено заемно задоволство од подготвеноста за натамошен успешен развој на односите и соработката меѓу двете држави.

– Добрите политички односи, редовниот дијалог на највисоко ниво и солидната правна рамка создаваат услови за интензивирање на економската соработка и за катарски инвестиции во Република Македонија, рече претседателот Иванов на средбата.

Во тој контекст, во наредниот период планирана е размена на официјални посети на највисоко ниво, а времето до нивната реализација ќе се искористи за натамошно унапредување на правната рамка и особено за изработка на конкретни економски проекти, со цел обезбедување на катарски инвестиции.

Емирот Ал Тани истакна дека катарските компании се подготвени за соработка со Република Македонија.

– Во наредниот период очекувам да се интензивираат контактите на бизнис ниво, истакна емирот Ал Тани.

Како области во кои постои интерес за инвестирање се посочени земјоделието, производството на храна, градежништвото, инфраструктурата, туризмот, недвижностите, телекомуникациите.

Претседателот Иванов го запозна емирот Ал Тани со поволниот инвестициски амбиент во нашата држава, со состојбите во македонската економија, како и за оценките на релевантните меѓународни фактори за реформските процеси и економските резултати.

На средбата се разговараше и за соработката на мултилатерален план. Договорено е да продолжи соработката и взаемната поддршка во системот на Обединетите Нации, особено во рамките на Алијансата на цивилизациите, каде Република Македонија и Државата Катар имаат активна улога.

Емирот Ал Тани ја поздрави улогата на Република Македонија во рамките на Алијансата на цивилизациите.

– Македонскиот модел на почитување на различностите е исклучително позитивен пример, кој треба да се афирмира во рамките  на оваа глобална иницијатива, рече катарскиот емир на средбата.

На средбата беа разменети информации за актуелните состојби во регионот на Југоисточна Европа и на Блискиот Исток.

Претседателот Иванов упати честитки за организацијата на Светското првенство во ракомет и на емирот Ал Тани му посака успех на катарската репрезентација.

Претседателот Иванов оствари средба и со шеикот Калифа бин Јасим Ал Тани, претседател на катарската стопанска комора. На средбата беа разменети информации за можностите и интересот за интензивирање на економската соработка. Претседателот Иванов ги претстави поволностите што странските инвеститори ги имаат во Република Македонија. Претседателот на катарската стопанска комора вети дека наскоро ќе испрати тим во Република Македонија за испитување на можностите за економска соработка, и истакна дека ги очекува заинтересираните македонски компании во Доха.

фото: МИА