Алармантно: Се гушиме во загаден воздух

Маглата, слабиот ветар, ретките врнежи на дожд, во комбинација со лошото просторно планирање, сообраќајот и индрустријата, и особено со штетните ПМ10 честици во воздухот, годинава многу порано ја отворија сезоната на високата концентрација на загадувачки материи во воздухот. А, се’ уште не е почната грејната сезона на домаќинствата кои своите домови ги затоплуваат со горење на дрва, што претставува дополнителен фактор за загадување на воздухот.

Според дневните мерења на Министерството за животна средина и просторно планирање, концентрацијата на сулфур диоксид, азот диоксид, јаглерод моноксит во воздухот се во рамките на граничната вредност, но, коцентрацијата на суспендираните честици ПМ 10, што всушност се најголема причина за заболувањата кај луѓето, ги надминуваат граничните вредности и по неколку пати.

Во Скопје, денеска е најзагадено во Гази Баба, каде што има најголема концентрација на овие штетни честици, а, веднаш потоа се и Лисиче, Центар и Карпош . Според податоците на министерството, денеска загаден воздух дишат и жителите и на Битола и на Кавадарци.

„Озлогласената“ материја ПМ10, се состои од цврсти честички во форма на чад, прашина и пареа и можат да останат суспендирани долг период во воздухот. И токму, овие честички претставуваат и еден од главните извори за намалување на видливоста во воздухот.

– Најголем процент на емисија на суспендирани честички со големина до десет микртометри проилзлегува од производствените процеси, производоството на електрична и топлинска енергија, согорувачките постројки во производствената индустрија, како и од согорувањето на горивата во автомобилите. Оваа состојба особено се карактеристична за зимниот период кога врз зголемувањето на концентрацијата на овие честички влијае и затоплувањето на домовите и климатолошките и метеоролошките услови. Влијанието на временските услови особено се забележува во котлините како што е случајот со Скопје, каде што има појава на магла, нема доволно струење на воздухот кое би го одведувало загадувањето, а има и појава на температурна инверзија – велат од Министерството за животна средина.

За овие суспендирани честици нема праг на алармирање и затоа постојат мерки на претпазливост.

Ситуацијата со загадувањето на воздухот редовно се следи и на сите мерни места на Државениот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух, а се изготвуваат и дневни извештаи што се презентираат на веб страницата на Министерството за животна средина. Од таму, податоците се доставуваат до центарот за управување со кризи и државниот инспекторат за животна средина.

Во борбата со загадениот воздух, надлежните и понатаму само со препораки до граѓаните почесто да користат јавен превоз, тешките товарни возила да ја користат обиколницата, да сопрат градежните активности, интензивно да се мијат улиците, како и да се контролираат автосервисите и помалите капацитети за кои има сознанија дека користат употребувано масло за греење.

Автоматски мониторинг станици за квалитетот на амбиентен воздух се поставени на 17 мерни места во земјава, од кои пет се во Скопје – во Центар, Карпош, Лисиче, Гази Баба и во дворот на Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”. По две мерни станици има во Битола и Велес и во блиизна на рафинеријата „Окта“, а по една мерна станица во Кичево, Куманово, Кочани, Тетово, Кавадарци, во село Лазарополе, село Миладиновци и село Мршевци.