Алармантно: Се шири ХИВ, за помалу од три месеци нови 11 случаи

ХИВ-вирусот и сидата алармантно се шират помеѓу мажи што имаат секс со мажи – од 11 нови случаи што се откриени од јануари до вчера во земјата, сите се мажи, дури осуммина се заразиле на овој начин, а се на возраст од 20 до 29 години. Најмладиот е тинејџер од Скопје, објави дневниот весник Дневник.  Само тројца  од заразаните мажи го добиле смртоносниот вирус преку незаштитен сексуален однос со жена.

Овие фрапантни резултати се добиени преку тестирање на повеќе од 200 лица со ризично однесување, кое овие два месеца го спроведоа Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство и невладините организации ХОПС, ХЕРА, Егал.

Д-р Жарко Kараџовски, началник на одделението за сексуално преносливи болести, ХИВ и сида во Институтот за јавно здравје, потврдува дека последните 10 години бројката на мажи што се заразиле преку секс со мажи е петпати зголемена – од 10 на 51 лице. Во периодот од 1987 до 2004 биле регистрирани само 10 мажи со ХИВ/СИДА, кои вирусот го добиле преку сексуален контакт со мажи, а од 2005 до 2014 година има 51 нов случај на мажи што се заразиле преку секс со мажи.

„Зголемен е и бројот на нови случаи на ХИВ/СИДА. Ако за цели 12 месеци минатата година имавме 24 регистрирани, сега за само 2,5 месеци имаме 11 новопријавени од испитани неколку стотини лица со ризично однесување – интравенозни корисници на дроги, комерцијални сексуални работнички, мажи што имаат секс со мажи, при што од откриени 11 нови случаи на ХИВ/СИДА, сите се мажи. Првата реакција на повеќето од нив, по шокот дека тестот е позитивен, беше дека не знаеле во што се впуштаат, иако свесно го прифатиле ризикот и без кондом имале сексуален однос. Тие го знаеле ризикот, знаеле дека партнерот имал ризично однесување, но, сепак, не се штителе! Бидејќи на никого на чело не му пишува дека е заразен со ХИВ, за да се заштитиме, во секој треба да се сомневаме дека можеби е носител на вирусот, па задолжително да се практикува сексуален однос со кондом, а интравенозните зависници од дроги да користат стерилен прибор“, предупредува д-р Kараџовски.

На прашањето што да се стори за овие бројки да се намалат – дали да се спушти границата на информирање за СИДА и младите порано да се запознаат со начините на пренос на вирусот, тој додава:

„Едукација на населението, не сакајќи да навлегуваме кој во каков ризик влегува – тоа е лично право, но алудирам на зголемување на свеста, подобра информираност на населението и едукација на ризичните категории – мажи што имаат секс со мажи, интравенозни корисници на дроги, комерцијални сексуални работнички. Треба да се зборува за постојаниот ризик во кој се впуштаат лицата ако не употребуваат заштита при секс или користат употребен прибор за инјектирање дроги. Основците да продолжат да се едуцираат од седмо и од осмо одделение и во сите четири години средно образование. ХИВ-вирусот може да се добие и со само еден сексуален незаштитен однос! Фактот дека ХИВ-вирусот веќе со години го имаме тука во земјата и дека е поголема можноста да се „залепи“ вирусот и дека воопшто не треба да се оди во странство за да се увезе, треба да н` мобилизира и да ја зголеми свеста кај граѓаните зашто гледаме дека бројот на заразените се зголемува од месец на месец “.

По соопштување на резултатите од ХИВ-тестирањето, лицето веднаш се упатува на Kлиниката за инфективни заболување каде што претстои разговор и со психолог, кој пристапува кон непосреден, брз контакт со лицето што дознало за својот позитивен статус, каде што им се дава психосоцијална поддршка. На оние на кои им е неопходна се одредува и антиретровирусна терапија.

„Се случува некои од овие лица да сакаат веднаш по дознавањето на тестот да се вклучат во невладиниот сектор, кој промовира сексуално здравје и права на ХИВ-позитивни лица“, вели д-р Kараџовски.

За оваа година Министерството за здравство одобрило 20 милиони денари плус за спроведување на Програмата ХИВ/СИДА. Лани биле направени 14.000 теста.

Најчестите коментари на лицата што дознале дека се заразени со ХИВ или дека се болни од СИДА биле:

„Не, ова мене не ми се случува, па имам само еден партнер. Не е можно јас да сум ХИВ-позитивен, па имав сексуален односи само неколку пати, но со исто лице… Мислев не ми треба кондом и дека тој нема СИДА“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.