Алармот вклучен – труења, епидемии и смртоносни бактерии!

Испитувањата на Институтот за микробилогија денеска треба да ја покажат точната причина за труењето од храна на 39 лица во населбата Драчево, меѓу кои има и тригодишно дете и 29-годишна трудница. Според првичните информации, станува збор за труење со салмонела пронајдена во мајонезот кој го користи една сендвичарница во населбата, бидејќи сите заболени ги имале симптомите на таа бактериска цревна инфекција.

Од заболените  кои побарале лекарска помош, 12 се хоспитализирани, а другите се пуштени на домашно лекување.

Драчевчани коментираат дека ова е третпат истата сендвичарница да биде затворена, токму поради труење од храна, а оваа информација ја потврдија и од Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Летово, скопјани и штипјани се соочуваат и со епидемија на вирус на жолтица, која што не е вообичаена за овој период од годината, а се’ уште нема завршница ни голготата со фаталната бактерија листерија која покоси пет човечки животи. Случајот со листеријата која засега официјало е пронајдена во производи на кумановската месна индустрија „Екстра меин “ и во производствените погони на „Пекабеско“, е во Основно јавно обвинителство, кое  прибира документација што понатаму треба да биде биде проследена на вештачење.

За потсетување, Министерот за здравство, Никола Тодоров, поднесе кривична пријава против непознат строител за пуштање во промет небезбедна храна, за што е предвидена и казна затвор до 10 години.

Месото останува на менито во градинките и училиштата 

Иако нерасчистениот случај со листеријата пронајдена во месни производи и петте нејзини жртви го вклучи алармот кај граѓаните за тоа  колку во земјава се контролира безбедноста на храната, сепак, надлежните не излегоа со препораки до градинките и училиштата за привремено менување на менито, однсно барем додека стивне заразата со оваа смртонона бактерија,  на децата да не им се служи месо.

Сепак, директорите на овие установи  велат дека контролите се кренати на највисоко ниво,  и особено се почитуваат препораките за здрава и безбедна храна, во однос на следење на потеклото на месото од кланиците па се’ до производствените погони и кујните  каде што се подготвува храната. Надлежните велат дека на децата секогаш им се дава свежо месо, а консумацијата  на сувомеснати производи е сведена на минимум.

„Општина Карпош во континуитет презема мерки за заштита на децата од училишна и предучилишна возраст во однос на контролата и безбедноста на храната во градинките и основните училишта. Заради  труењата кои се случија во изминатиов период и појавата на жолтица, директорите се предупредени од надлежните институции, но и од овластеното лице за контрола и безбедност на храна во Општина Карпош да ги зголемат мерките на претпазливост во однос на храната која термички се подготвува и свежите производи кои децата ги конзумираат. Се врши зголемена контрола на добавувачите и рокот на употреба на производите. Во тек се водат теренски информативни разговори од лекар и стручно лице во градинките и во училиштата кои едуцираат и даваат насоки за превенција од труења и  од жолтица“, велат од оваа локална самоуправа.

Денеска во сите училишта учениците добија лекција за лична хигиена и за начинот на пренесување на вирусната жолтица. Според препораките, на влезот од секое училиште следниот период ќе има поставено ткн. дезинфекциска бариера, а почесто ќе се чистат и дезинфицираат училишните простории.

И во градинските кои се ризична група за појаава на вирусна жолтица, периодов се засилени  превентивните мерки, како: темелно миење на рацете пред подготовка и пред консумација на храна, свежо проготвена храна. Да не се консумира сирова или недоволно термички преработена храна, посебно месо и преработки од месо, непастеризирано млеко, млечни производи и јајца. Сировата и подготвената храна да се чуваат во фрижидер одделно, во посебни заштитени садови, со што ќе се избегне можност за загадување на веќе подготвената храна. Според препоракие, сите градинки задолжено  треба да направи дезинфекција, дератизација и дезинсекција на просториите, опремата и играчките.

Засега, регистрирани се два случаи на појава на жолтица во две скопски градинки. Најмногу заболени има во Скопје, (83)  и во Штип (36) лица. Поединечни случаи на хепатит А има и во Гостивар и во Куманово.

Сепак, со старотт на учебната година, можно е и зголемување на бројот на заразени од вирусна жолтица.