Албанец ги тужи сите досегашни премиери на Албанија

Во Албанија е покренато обвинение кое се оценува како раритет. Албански граѓанин ги тужи сите осум посткомунистички премиери: Сали Бериша, Фатос Нано, Александар Мекси, Башким Фино, Пандели Мајко, Или Буфи, Илир Мета и актуелниот Еди Рама, пренесе МИА.

Обвинението е поднесено од Никол Пренга, жител на Драч, и со него тој ги обвинува сите премиери, кои на оваа функција биле по 1990 година, за тешката состојба во која била земјата во изминатите години – пренесува албанскиот печат.

Обвинението било поднесено во 2014 година во Државното обвинителство под чија надлежност е истрагата за високи функционери. Тоа, пак, обвинението го препратило до Овинителството во Драч, кое на 23 јули лани ја стопирало постапката прогласувајќи се за ненадлежно.

Но, со одлуката од јуни годинава на Врховниот суд, на Државното обвинителство му е „наредено“ да почне истрага врз основа на обвинението на Пренга против осуммината албански премиери.

Во вакви околности, се очекува Обвинителството да почне истрага за првите луѓе на албанските влади во период од 1990-2015 година, за начинот како тие владееле, бидејќи според Пренга тие се главните виновници за ситуацијата низ која минала Албанија по падот на комунизмот.