Албанец од Италија го лансирал дронот со знамето на Голема Албанија

Албанецот Исмаил Моринај од Италија го лансирал дронот со знамето на таканаречената „Голема Албанија“, за време на фудбалскиот меч меѓу Србија и Албанија во Белград, пишува Пресс24.

Триесет и двегодишниот Моринај, кој се занимава со алпинизам и слободно качување, во Србија влегол на 11. октомври, во автомобил со италијански таблици, а отседнал во еден хостел близу стадионот на Партизан, користејќи италијанска лична карта, пренесуваат медиумите.

Моринај веднаш по натпреварот побегнал од Србија, но српската полиција за време на викендот го лоцирала и побарала помош од Интерпол за негово апсење.

Постојат сознанија дека Моринај и братот на албанскиот премиер Олси Рама долго и добро се познаваат и дека двајцата до детали ја испланирале акцијата за внесување на дронот на стадионот за да предизвикаат нереди на натпреварот.

Рама, откако Моринај го довел дронот до стадионот, од ложата ја презел контролата над леталото, најверојатно преку програма која претходно ја инсталирал на својот “ајфон”.