Албанија донира 50.000 евра помош за Тетово

Албанската влада издвои 50 илјади евра за ублажување на последиците од поплавите во Тетово и тетовско и искажа длабоко сочувство за семејствата на настраданите.

Се доделува финансиска помош на Владата на Република Македонија за ублажување на штетите предизвикани од поплавите. За таа цел се издвоени средства од 50 илјади евра, стои во одлуката на албанската Влада.

Албанската влада покажа солидарност со поплавените во тетовско
Албанската влада покажа солидарност со поплавените во тетовско

Веста најпрво на својот профил на Фејсбук ја соопшти шефот на дипломатијата Дитмир Бушати, оценувајќи ја ваквата одлука како чин на солидарност и братска подршка за Тетово.

Солидарост и братска подршка за Тетово. Денеска одобривме фонд од 50 илјади евра како помош за надминување на вонредната состојба во Тетово, напиша Бушати на неговиот профил на Фејсбук.

Владата додели 80 тони нафта за градежната механизација ангажирана во Тетово

Две посебни одлуки се донесени на денешната вонредна седница на Владата за помош во санирањето на последиците од невремето во Тетово и тетовско, информираше вицепремиерот Владимир Пешевски, кој истовремено е и раководител на владиното Координативно тело за справување со последиците од поплавите во тетовско, при денешната посета на Порој.

Првата е одлуката за доделување на 80 тони нафта за потребите на градежната механизација ангажирана за расчистување на наносите од поплавите во регионот бидејќи иако дел од механизацијата е ангажиран од Дирекцијата за заштита и спасување, дел е ангажиран од локалната самоуправа која има потреба за нафта за машините, изјави Пешевски.

Втората одлука е донесена во координација со Управата за раководење со одземени предмети според која доделени се околу 20.000 парчиња како облека, ќебиња, прибор за јадење, чинии, но и ранци и друга опрема наменета пред се за семејствата во Тетово и тетовско кои претрпеа големи штети од поплавите.