Албанија и Грција ќе ги преразгледаат учебниците по принципите на УНЕСКО

Албанија и Грција одлучиле да реализираат заклучоци на заедничка комисија за преразгледување на учебниците по историја, географија, култура и економија врз основа на принципите на УНЕСКО и Советот на Европа, јавија грчки медиуми, пренесе МИА.

Министрите за образование на двете држави го нагласиле на прес конференција значењето на тоа преразгледување на учебниците.

– За првпат децата од грчките етнички училишта во Албанија беа снабдени со учебници на грчки јазик пред учебната година. Во буџетот за 2015 година предвидени се инвестиции во училиштата во кои се предава на грчки јазик, изјави министерката за образование и спорт, Линдита Николи.

Таа додала дека Албанија е меѓу државите што ги исполнуваат меѓународните критериуми во врска со правата на етничките малцинства.

Грчкиот колега Андреас Ловердос истакнал дека децата од грчката етничка заедница во Албанија треба да бидат најдобро образовани и оти Грција ќе го исполни својот долг во таа насока. Албанија има население од над три милиони луѓе од кои околу 150.000 се етнички Грци кои живеат во јужниот дел од државата.