Албанија ќе презема искуства од Македонија во привлекување на инвестиции

Македонскиот премиер Никола Груевски денеска се сретна со претседателот на Собранието на Република Албанија, Илир Мета, на која позитивно ги оценија билатералните односи, истакнувајќи притоа дека се карактеризираат со средби на највисоко ниво.

– Двете страни ја изразија својата посветеност кон европските и евро-атлантските интеграции како клучни стратешки определби на двете земји. Соговорниците ја истакнаа својата заложба за унапредување и продлабочување на економските односи, трговската размена и соработката на реализацијата на инфраструктурни проекти, соопшти владината прес-служба.

Премиерот Груевски на средбата се осврнал на реформите кои ги спроведува Владата, истакнувајќи дека Република Македонија е посветена на натамошното унапредување на добрососедските односи со Република Албанија и за интензивирање на меѓусебната соработка.

– Беа истакнати нашите тековни инфраструктурни проекти на Коридорот 8 кои ќе придонесат за подобрување на меѓусебната поврзаност, олеснување на протокот на патници и стока, како и засилување на трговските односи. Се истакна изградбата на автопатот Кичево – Охрид, подготовките за изградба на автопатот Гостивар – Кичево по пат на концесија, како и подготовките за изградба на железничка пруга до албанската граница. Беше наведена подготвеноста на Владата за дополнително енергетско поврзување помеѓу двете земји, за чие финансирање постои интерес и од страна на Европската банка за обнова и развој, се вели во соопштението.

Претседателот на албанското Собрание Мета изразил позитивни оценки за работењето на македонската Влада, особено на полето на привлекување на странски инвеститори, како и во областа на земјоделието и безбедноста на храната истакнувајќи дека преземањето на нашите искуства од овие сектори може да е од интерес за Република Албанија и изразил подготвеност за зајакнување на соработката.

Тој го истакнал и интересот на Република Албанија за железничко поврзување на двете земји како особено значајно за подобрување на меѓусебната трговија, но и за трговијата со останатите земји од регионот.

Соговорниците разговарале и за можностите за продлабочување на соработката во областа на туризмот и други стопански сектори од взаемен интерес.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.