Албанија: Опозицијата се враќа во парламентот

По повеќечасовни преговори меѓу власта и опозицијата, конечно нешто пред полноќ нивните претставници ставија потпис на Резолуцијата за враќање на опозицијата во парламентот, предложена од европарламентарците Едуард Кукан и Кнут Фленкештеин, објави МИА.

Претставникот на владејачкото мнозинство, демократот Таулант Бала, во кусата изјава по завршувањето на преговорите рече дека страните постигнале договор и оти и покрај настојувања на демократите за одредени измени во предложената резолуција, текстот останал непроменет.

Потпишаната резолуција треба да биде изгласана од Парламентот. Во неа се содржани неколку точки меѓу кои најзначајна за опозицијата е онаа каде стои дека „двете страни се обврзуваат заедно да работат на консезуален начин со помош на ЕУ околу прашањето за лица со криминално досие кои се или сакаат да бидат избрани или номинирани за јавни функции3, или како што опозицијата го нарекува декриминализација на парламентот.

Со потпишувањето на документот се очекува на денешната седница, последна во оваа сесија, по шестмесечен бојкот во Парламентот да се врати опозицијата. Сепак конечна одлука за тоа треба да донесе парламентарната група на Демократската партија на средбата закажана за 9.30 часот.