Албанија: Социјалистите на Рама пред изборна победа, според излезните анкети

Албанската владејачка Социјалистичка партија на премиерот Еди Рама е најверојатен победник на неделните парламентарни избори со освоени меѓу 45 и 49 отсто од гласовите, покажаа излезните анкети кои спроведени од италијанската компанија IPR Marketing.

Според излезните анкети, главната опозициска Демократска партија на Љуљзим Баша освојува меѓу 30 и 34 отсто од гласовите.

„Социјалистичката партија може да освои повеќе од 71 пратенички мандат во 140-члениот парламент, но тоа е само процени но не и сигурен резултат“, изјавил за Reuters Антонио Ното од IPR Marketing.

Карактеристично за овие избори е многу ниската излезност на гласачите. Поради ова, како и бројните инциденти, меѓу кои и вооружен инцидент во кој има настрадан активист на опозицијата, беше продолжено за еден час гласањето.

Овие избори се сметаат за многу важни за процесот на приближување на Албанија кон Европската унија, а службена Тирана се надеваше дека изборниот процес ќе мине без инциденти и забелешки од набљудувачите, и ќе успее да го убеди Брисел за што поскоро отворање на преговорите за пристапување.

Меѓутоа, според извештаите во албанските медиуми, и покрај надежите, се чини дека не беше прекината долгата традиција, на насилства, изборни измами и оспорувања на изборните резултати, што требаше да биде важен пресврт на патот кон членството во ЕУ.

Социјалистичката партија на 53-годишниот Рама, која е на власт од 2013 година, и Демократската партија на 43-годишниот Баша, во анкетите беа речиси изедначени, со мала предност на социјалистите. Рама се обидуваше да ги привлече гласачите истакнувајќи го економскиот раст на земјата последните четири години, ветувајќи економски реформи и борба против корупцијата.

Баша го обвинува Рама дека не успеал да го заузди организираниот криминал и трговијата со дроги. Меѓутоа, аналитичарите велат дека не треба да се исклучи можност од голема коалиција.

Албанија аплицираше за членство во ЕУ во 2009 година, а доби статус на кандидат на 2014 година. Рама порача дека доколку повторно биде избран, ќе побара отворање на преговорите.

Новата влада во Тирана ја очекува тешка задача. Иако Рама како цел постави економски раст „поголем од 5 отсто“ Албанија и натаму е една од најсиромашните земји во Европа, со просечна плата од 340 евра. Голем проблем претставува и иселувањето на младите кои бегаат поради невработеноста. Албанија го држи светскиот рекорд, бидејќи 2,9 милиони нејзини државјани живеат во земјата, а 1,2 милиони во странство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.