Албанската опозиција на 18 февруари почнува масовни протести

Најголемата албанска опозоциска сила, Демократската партија, се враќа на протести. Одлука за тоа донесе Претседателството на партијата на седницата одржана вчера доцна попладне, јави дописникот на МИА од Тирана.

Протестите почнуваат на 18 февруари, а нивна цел е „слободни и демократски избори“.

Според Демократската партија биометриска идентификација, гласање и електронско пребројување се минималните услови за слободни избори.

– Ги повикувам сите сограѓани на протести против Владата на 18 февруари во Тирана. Да протестираме сите заедно, против неправдата и сиромаштијата, против болното здравство и уништеното образование, против владината ароганција и притисок, против дрогата, криминалот и криминалците во политиката. Да ја заштитиме слободата, за да избереме и да потврдиме решителност за да го заштитиме гласот,апелираше лидерот на ДП, Љуљзим Баша.

Според него, само со храброст и одлучност може да се врати власта кај народот, а слободни избори се главен услов за започнување преговори на ЕУ со Албанија.

Инаку, претседателот Бујар Нишани со указ парламентарните избори ги закажа на 18 јуни годинава. Граѓаните на изборите ќе треба да изберат 140 пратеници за новиот законодавен дом.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.