Албанската полиција ја презеде контролата над нарко селото Лазарет

Повеќе стотици полицајци влегоа во нарко селото Лазарет на југот на Албанија, откако претходно за време на рацијата осомничените за производство н марихуана ја нападнале полицијата со гранати.

Како што соопштила полицијата, во судирите кај Лазарет, најголемиот центар за производство на марихуана немало повредени. Лазарет се наоѓа на 230 километри јужно од Тирана и во него живеат околу 5 илјади луѓе.

Полицијата успеала да ја преземе контролата над ова место по размена на оган со околу 30 вооружени луѓе, кои по судирот побегнале кон планината.

Престрелката и понатаму повремено одекнува на тоа место, а властите ги повикале жителите да останат во куќите, додека трае операцијата. На влезот во Лазарет припадниците на безбедносните сили, под тешка борбена опрема го чуваа влезот во градот.

Министерот за внатрешни работи Саимир Тахири ги повикал напаѓачите да се предадат и да го предадат оружјето. Се верува дека бандата од Лазарет годишно произведуваат 900 тони канабис, во вредност од 4,5 милијарди евра.

Околу 500 полицајци вчеравечер го опколија местото, во обид да ги приведат осомничените за производство на марихуана.

Изминативе недели албанските власти покренале операција на ниво на целата земја со цел искоренување на производството на канабисот на плантажите.

Бандите кои ги водат тие плантажи веќе долго сметаат дека се надвор од домашните закони.