Албанската полиција ова лето уништила 1,2 милиони садници марихуана

Албанската полициска статистика потврдува дека во текот на ова лето уништени се 1,2 милиони садници марихуана.

Соопштувајќи ги податоците, полицијата ги отфрли обвинувањата на опозицијата околу нејзината вмешаност во огледувањето на марихуаната, јави дописникот на МИА од Тирана.

Алтин Ќато, заменик на генералниот директор на албанската полиција изјави дека нема сознанија за каков било таен извештај на меѓународните партнери околу ова прашање.

– Најкатегорично изјавувам дека такво нешто нема. Ние сме многу отворени со партнерите. Сме имале многу средби, сме размениле мислења, информации. Сме барале информации и немало ни еден таков случај на вмешаност на полициски службени лица, изјави Ќато.

Според него, уништената бројка од 1,2 милиони садници марихуана е потврда дека се врши контрола на целата територија на земјата.

Деновиве албанското обвинителството за тешки кривични дела почна истрага за сите полициски директори на околии и началници на комесаријати, кои беа споменати во списокот на осомничени од страна на опозициската Демократска партија.

Партијата обвини со име и презиме дека високи полициски службеници се вмешани во одгледување, заштита на површини засадени со ова накортично растение, па дури и во помагање во трговијата на марихуаната.