Албанската Влада глува за барањата на македонското малцинство

Владата на Албанија на чело се премиерот Еди Рама остана глува на барањата намакедонското и грчкото малцинство кое живее во земјата во врска со новата административно – територијална поделба.

Без да се прифати ниту едно од барањата на малцинствата на денешната седница беше дадено зелено светло Парламентот да го усвои предлог – законот, а владиниот кабинет ја поддржа петтата варијанта, која пак претходно беше прифатена од Парламентарната комисија за територијална реформа.

Предлог законот е на дневен ред на седницата закажана за 23 јули, а треба да се изласа најдоцна до 31 јули кога е последната седница на парламентарнците пред летниот одмор.

Во меѓувреме, и преставникот на македонското малциство во Државниот комитет за малцинства во Албанија, Нико Китани, се произнесе против новата мапа на административно-територијална поделба, со која како самостојна локална единица останува само Пустец и го поддржа барањето на претставниците на македонската партија и нивните здруженија, општините во Голо Брдо и Гора да останат самостојни бидеќи таму живее голем дел на македонското малцинство.

Македонците во Албанија побараа во регионот на Пешкопеја, општините Стеблево, Требиште и Острени, областа на Голо Брдо да се обединат и да се создаде општина Голо Брдо. Во регионот на Кукс општините Шиштавец, Топојан и Запот во областа Гора да се обединат и да се создаде општина Гора, додека во регионот на Корча општина Пустец во областа на Преспа да се преименува во општина Преспа. Тие побараа помош и од меѓународните организации.

Против новата територијална поделба се и припадниците на грчкото малцинство, но и албанската опозициска Демократска партија, како и неколку пратеници од редовите на владеачките социјалисти. Доколку до последен миг останат на нивниот став владеачкото мнозинство ќе го нема потребниот број гласови (84) за да го изгласа истиот.